Ердоган: Спроведувањето на налозите на МКС, клучни за довербата во системот / Photo: AA

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денес ги поздрави издадените налози на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер и поранешниот министер за одбрана, нагласувајќи дека спроведувањето на одлуката ќе биде клучно за враќање на довербата во меѓународниот систем.

„Сметаме дека спроведувањето на оваа храбра одлука од сите страни во договорот (на МКС) е важна за враќање на довербата на човештвото во меѓународниот систем“, рече Ердоган во обраќањето на четвртиот Меѓународен саем на невладини организации во турската метропола Истанбул.

Поздравувајќи ги налозите за апсење, издадени во четвртокот од МКС за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради постапките на Израел во Газа, Ердоган рече дека земјите што го поддржуваат Тел Авив ги поддржуваат злосторствата, и покрај тоа што честопати држат предавања на другите за демократијата и човековите права.

Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Што се однесува до меѓународните организации и медиуми, Ердоган рече дека тие „замижуваат пред злосторствата против човештвото“ во Палестина, Либан и на други места.

„Крвта на шехидите и повредените во Палестина не е само на (рацете) на нивните убијци, туку и на оние кои не успеваат да ги спречат“, додаде тој.

Турскиот претседател истакна дека привилегираните актери на меѓународниот систем вовлекуваат разни региони, особено исламското географско подрачје, во вител на нестабилност заради сопствени интереси.

Тој порача дека Туркије ќе продолжи со напорите да го стави Ал Кудс (Ерусалим) под меѓународниот безбедносен чадор во согласност со неговиот свет статус.

„Како исламски свет, мораме да ги оставиме настрана нашите разлики во мислењата и да заземеме заеднички став, и да дејствуваме како едно“, рече Ердоган.

Израел започна геноцидна војна во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври минатата година: Во израелските напади досега убиени се над 44.000 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се над 104.000.

Израел, исто така, започна воздушни напади врз Либан кон крајот на септември против, како што тврди, позиции на Хезболах.

Според либанските здравствени власти, во израелските напади врз Либан од октомври минатата година убиени се над 3.600 луѓе, над 15.300 се повредени, додека над 1 милион се раселени.

Тел Авив го прошири конфликтот со започнување копнен упад во јужен Либан на 1 октомври.

AA
Популарни