Ердоган: Туркије ја запира трговијата со Израел / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека неговата Влада ја запира сета трговија со Израел која изнесува околу 9,5 милијарди долари.

Во изјава за новинарите по петочната молитва во Истанбул, турскиот претседател додаде дека „затворена е вратата“ за трговија со Израел поради тековниот напад на Појасот Газа.

„Постоеше обем на трговска размена од 9,5 милијарди долари меѓу нас“, рече Ердоган, мислејќи на Туркије и Израел. „Игнорирајќи го овој обем на трговија, ја затворивме вратата.“

Турското Министерство за трговија објави дека Анкара ги суспендирала сите извозни и увозни операции со Израел поради неговата „агресија врз Палестина која е во спротивност со меѓународното право и човековите права“.

Ердоган, критикувајќи ја тековната агресија на Израел врз Појасот Газа, исто така рече дека потезите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го оневозможиле можното приближување меѓу Туркије и Израел.

„Тој состанок имаше цел“, рече Ердоган, осврнувајќи се на средбата со Нетанјаху во Њујорк на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации пред да се разгори конфликтот меѓу Израел и Газа на 7 октомври.

„Но, Нетанјаху е немилосрден“, истакна Ердоган и додаде: „Тој одговори со напад на жени и деца“.

Ердоган, исто така, го критикуваше Западот за неговата постојана поддршка на Израел.

„Сите западни земји, предводени од Соединетите Американкси Држави (САД), го поддржуваат Израел и не штедат напори да ги осудат на смрт погодените од сиромаштија Палестинци“, рече тој.

Ердоган додаде дека тековната израелска агресија врз Палестина е неприфатлива.

„Израел досега брутално уби 40.000 до 45.000 Палестинци. Како муслимани за нас е незамисливо да стоиме настрана и да гледаме како тоа се случува“, додаде турскиот претседател.

Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Газа од упадот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

Тел Авив, за споредба, уби речиси 34.622 Палестинци и рани над 77.867 во масовно уништување и недостаток на неопходни услови во палестинската територија.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.

TRT Balkan / агенции
Популарни