erdogan pregovori / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије ќе биде идеален домаќин за евентуалните претстојни состаноци меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави (САД) за ставање крај на тригодишната војна меѓу Москва и Киев.

Ердоган, на заедничката прес-конференција со својот украински колега Владимир Зеленски во Анкара, рече дека територијалниот интегритет и суверенитет на Украина за Туркије се неопходен услов.

Ердоган на средбата со Зеленски истакна дека Анкара ќе обезбеди секаков вид поддршка за одржување преговори кои ќе завршат со траен мир.

Војната, која предизвика „смрт на многу невини луѓе“ и огромно уништување, „мора да заврши сега“, додаде Ердоган.

Тој нагласи дека мирот нема губитници и дека целиот свет сега чека крај на војната.

„Се надевам дека и на средбите на турскиот министер за надворешни работи Фидан со неговиот колега и на моите средби со Путин, ќе го осигураме патот кон мирот“, истакна турскиот претседател.

Претходно денес, руската и американската делегација се состанаа во саудискиот главен град Ријад на први разговори на високо ниво од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година. Тие се договорија за продолжување на разговорите за ставање крај на руско-украинската војна и за подобрување на меѓусебните билатерални односи.

AA
Популарни