Анкара ќе продолжи да го поддржува процесот на дијалог во Венецуела, му порача во средата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на својот венецуелски колега Николас Мадуро.
Во телефонскиот разговор со Мадуро, Ердоган изразил желба претседателските избори во Венецуела да бидат корисни за земјата, соопшти турската Дирекција за комуникации.
„Туркије ќе продолжи да го поддржува процесот на дијалог во Венецуела, пренесувајќи ја својата желба за мир, просперитет и благосостојба на венецуелскиот народ“, се додава во соопштението.
Ердоган и Мадуро разговараа и за билатералните врски меѓу земјите, како и за регионални и глобални прашања.
Во соопштението се додава дека Ердоган изразил благодарност до Мадуро за поддршката на Венецуела за Палестина против израелското угнетување.
Според Националниот изборен совет на Венецуела, Мадуро, кој ја води земјата од 2013 година, обезбеди 51 отсто од гласовите наспроти 44 отсто за кандидатот на опозициската коалиција Едмундо Гонзалес Урутија. Резултатите, сепак, беа оспорени од опозицијата.