Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се несомнени за Анкара и оцени дека Туркије ќе биде идеално место за можни мировни преговори за украинскиот конфликт.
Ердоган истакна дека дипломатската иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија е во согласност со политиката на Туркије во изминатите три години.
„Руско-украинската војна, која предизвика многу голем број на загинати невини луѓе и огромна деструкција мора да заврши веднаш. Ние се залагаме за територијалниот интегритет на Украина. Како Туркије, ја изразивме нашата почит за ова прашање насекаде. Територијалниот интегритет на Украина е од суштинско значење за нас. Суверенитетот е суштински за нас“, рече Ердоган.
„Во мирот нема губитници, целиот свет сега чека мир во војната меѓу Русија и Украина“, додаде турскиот претседател.
Ердоган рече дека Туркије ќе биде идеално место за можни мировни преговори.
„Се надевам дека и на средбите на турскиот министер за надворешни работи Фидан со неговиот колега и на моите средби со Путин, ќе го осигураме патот кон мирот“, рече Ердоган.
Претседателот на Туркије во Анкара го прими украинскиот претседател.
Неколку други високи турски функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи, Хакан Фидан и министерот за одбрана, Јашар Ѓулер, присуствуваа на состанокот зад затворени врати.
Украинскиот претседател рече дека односите меѓу Туркије и Украина се на високо ниво, како и секогаш, заблагодарувајќи му се на турскиот претседател и на народот за тоа.
„Туркије зазеде многу принципиелен став за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Анкара го олесни ослободувањето и на украинските војници и на цивилите“, рече Зеленски.
Тој, пак, изјави денеска дека најважното нешто за постигнување траен мир е да не се прават грешки.
Тој на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека тоа е „фундаментално важно“.
„Сите страни мора да бидат на преговарачка маса- Америка, Европа и Украина“, рече Зеленски.
Тој ја критикуваше денешната средба на делегацијата на САД и Русија во Ријад, опишувајќи ги како „разговори за Украина без Украина“.
Украинскиот претседател рече дека руско-американската средба во вторникот во Ријад била „изненадување за нас“, додавајќи дека за тоа дознале од медиумите.