Со зголемувањето на капацитетот на складиштето за природен гас во Силиври, Истанбул, Туркије од денеска го поседува најголемото складиште за гас во Европа. Капацитетот на складиштето е зголемен од 3,2 милијарди кубни метри на 4,6 милијарди кубни метри, а дневниот производствен капацитет од 28 милиони кубни метри се искачи на 75 милиони кубни метри.
Обраќање по повод завршувањето на проектот имаше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој истакна дека Туркије со своите иницијативи во енергетскиот сектор има цел да стане глобален центар за одредување на референтните цени на природниот гас.
„ Нашата цел е да ја трансформираме нашата земја во глобален центар каде што референтната цена на природниот гас ќе се одредува што е можно побрзо“, изјави Ердоган на церемонијата по повод завршувањето на проектот за проширување на подземното складиште за гас во близина на Истанбул.
Тој додаде дека подрачјето Тракија, северозападниот регион на земјата, што се граничи со Грција и Бугарија, ќе стане особено важен центар и за природен гас и за течен природен гас (ЛНГ) со зголемен капацитет на ЛНГ и подземно складирање на гас.
Анкара, како што рече Ердоган, е во контакт со Москва, голем производител и извозник на природен гас. Ердоган нагласи дека тие ќе ги преземат неопходните чекори за да ја направат Туркије енергетски центар.
Исто така, истакнувајќи ја важноста на складиштата на гас бидејќи европските земји се соочуваат со недостиг на енергија, Ердоган рече дека со проширувањето, подземниот капацитет за складирање на природен гас „Силиври“ сега е најголемиот во Европа со капацитет од 4,6 милијарди кубни метри.
Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин, разговараа за тоа како земјите заеднички работат на изградба на центар за природен гас во регионот Тракија во Туркије.
По разговорите со неговиот колега Путин што се одржаа оваа година, Ердоган најави дека Анкара и Москва ќе работат заедно на изградба на центар за природен гас во Тракија по предлог од Русија.