Анкара го поддржува територијалниот интегритет на Украина и ја отфрла незаконската анексија на Крим, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.     Фото: АА

Анкара го поддржува територијалниот интегритет на Украина и ја отфрла незаконската анексија на Крим, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Враќањето на Крим на Украина, чиј е неразделив дел, е суштинска потреба од аспект на меѓународното право“, рече Ердоган во видео пораката на Вториот самит на Кримската платформа.

Кримската платформа е меѓународен координациски механизам на Украина за привлекување на поголемо глобално внимание на руската илегална анексија на Крим во 2014 година.

Ердоган рече дека Анкара ќе продолжи да ја поддржува Кримската платформа која е воспоставена за решавање на прашањето на Крим по мирен пат.

„Туркије не ја признава анексијата на Крим и од првиот ден отворено говори дека овој чекор е нелегитимен и нелегален. Ова е принципиелен став кој има не само правни, туку и морални темели“, рече Ердоган.

Турскиот претседател додаде дека заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и политичко единство на Украина е од клучна важност не само за регионалната, туку и за глобалната безбедност и стабилност.

„Осигурување на безбедноста и благосостојбата на нашите сонародници кримски Татари исто така е меѓу приоритетите на Туркије“, рече Ердоган.

Турскиот претседател повтори дека очекува Нариман Џелјал, заменик претседателот на Собранието на кримските Татари, и уште најмалку 45 други кримски Татари кои Русија ги притвори во 2021 година да бидат ослободени.

„Кримските Татари кои претрпеа големи страдања низ историјата, се борат за мирен живот во својата татковина. Туркије и понатаму ќе биде со украинската Влада и кримските Татари во овој процес“, додаде Ердоган.

Турскиот претседател истакна дека Туркије ќе продолжи со својата посредничка улога помеѓу Русија и Украина за да обезбеди мир во регионот.

AA
Популарни