Ердоган: Туркије не ја заборава меѓународната солидарност по земјотресите / Photo: AA

Туркије никогаш нема да ја заборави солидарноста што ја покажаа Европската унија (ЕУ) и другите меѓународни организации по земјотресот на 6 февруари што ги погоди јужните турски области, изјави во понеделник турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Никогаш нема да ја заборавиме солидарноста што ја покажаа сите наши пријатели, ЕУ со нејзините институции, нејзините земји членки и кандидати, Обединетите нации (ОН) и другите меѓународни организации, во овие тешки денови“, рече Ердоган во обраќањето преку видеолинк на отворањето на Меѓународната донаторска конференција во Брисел.

Турскиот претседател рече дека првичната проценка покажува штети од над 104 милијарди долари. „Продолжуваме со изградбата на шаторските и контејнерските населби и монтажни објекти. Ќе поставиме 108.000 контејнери за два месеци и ќе сместиме половина милион луѓе“, изјави Ердоган.

Тој рече дека бројот на уништените и тешко оштетените згради во 11 области во регионот погоден од земјотресите достигна 298 илјади, а бројот на станбени единици 876 илјади.

Меѓународната донаторска конференција е организирана од Европската комисија и Шведска, која претседава со ЕУ, за да им даде поддршка на погодените од разорните земјотреси во Туркије и Сирија.

„Оваа конференција е уште еден пример за тоа колку добро се развиени односите меѓу нашите народи“, рече Ердоган. Тој потсети дека Туркије е дом за повеќе од 4 милиони бегалци, вклучувајќи 3,5 милиони Сиријци.

„Денес, додека ги лечиме раните од „катастрофата на векот“ во нашата земја, се солидаризираме со сирискиот народ кој исто така е погоден од земјотреси“, рече Ердоган и додаде: „Пружаме неопходни олеснувања на третите страни и на другите држави да ја транспортираат хуманитарната помош преку копно и воздушен пат на жртвите од земјотресите во Сирија. Ќе продолжиме со таков пристап и во иднина“, рече турскиот претседател.

Европската комисија вети милијарда евра за обнова за подрачјата погодени од разорните земјотреси во февруари на југот на Туркије.

Претседателката на Комисијата на Европската унија (ЕУ), Урсула Фон дер Лајен во своето обраќање на отворањето на Меѓународната донаторска конференција во Брисел повика на поддршка за подрачјата погодени од земјотресот во Туркије и Сирија.

„Со задоволство можам да најавам дека само Европската комисија ќе ја поддржи Туркије со милијарда евра за обнова по земјотресите“, објави Фон дер Лајен.

Таа најави дополнителен пакет од 108 милиони евра за хуманитарна помош и рано опоравување во Сирија.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што минатиот месец ја погодија јужна Туркије се искачи на 50.096, потврди Управата за вонредни ситуации (АФАД). Претседателот на АФАД Јунус Сезер изјави дека се повредени 107.204 лица.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Туркије на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш.

Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Туркије беа погодени од разорните земјотреси, како и многу други во северна Сирија.

Во соседна Сирија загинаа најмалку 4.500 лица, а повеќе од 8.700 се повредени.

AA
Популарни