Туркије е подготвена да биде домаќин на сеопфатни преговори за Судан доколку се согласат засегнатите страни, му рече денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на началникот на суданската армија, јавува Анадолу.
Во телефонскиот разговор со Абдел Фатах ал-Бурхан, Ердоган истакна дека Туркије ќе продолжи со своите напори во контакт со Обединетите нации (ОН) за да се обезбеди исполнување на итните хуманитарни потреби на суданскиот народ, се наведува во соопштението на Дирекцијата за комуникации при турското претседателство.
Ердоган ја изрази и својата тага и загриженост поради порастот на бројот на жртви во „братоубиствената борба“ во Судан.
Во разговорот станало збор и за евакуацијата и безбедноста на турските граѓани во Судан, се додава во соопштението.