Ердоган: Туркије работи да го спречи прекинот на Договорот за жито / Photo: AA

Прекинот на Договорот за транспортот на жито преку Црно Море, како што беше најавено оваа недела, ќе има голем број негативни последици, предупреди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека Туркије веќе работи да го спречи тоа.

„Прекинувањето на Иницијативата за жито преку Црно Море ќе има низа негативни ефекти, почнувајќи од покачување на глобалните цени на храната во некои региони до глад, а потоа и нови бранови на миграција. Не се двоумиме да преземеме иницијатива за да го спречиме тоа“, изјави Ердоган за новинарите во четвртокот во претседателскиот авион што се враќаше од посетата на три земји во Заливот.

„Верувам дека со детално дискутирање во врска со ова прашање со рускиот претседател Владимир Путин ќе обезбедиме продолжување на хуманитарниот аранжман“, додаде тој, навестувајќи ја уникатната улога на Туркије како земја во добри односи и со Русија и со Украина, што ѝ помогна првично да посредува во Договорот заедно со ОН.

Русија на 17 јули го суспендира своето учество во Договорот, кој го потпиша минатиот јули заедно со Туркије, ОН и Украина, за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море, запрен по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Но дури и при обновувањето на Договорот во претходните месеци, Москва се пожали дека не се спроведува рускиот дел од Договорот.

Ердоган рече дека Путин има очекувања од западните земји за Договорот за жито, додавајќи: „Западните земји треба да преземат акција во овој поглед.“

Според историскиот Договор, повеќе од 33 милиони тони жито беа испорачани од украинските пристаништа, спречувајќи глобална криза со храна, рече тој, додавајќи: „Продолжувањето на ваквата витална иницијатива во однос на нејзините резултати е во корист на човештвото.“

Ердоган ги негираше гласовите дека опаднала важноста на Туркије во посредувањето меѓу Русија и Украина.

„Напротив, ние во моментов ги одржуваме нашите односи со Русија. И министерот за надворешни работи Хакан Фидан и шефот на Националната разузнавачка организација МИТ, Ибрахим Калин, ги продолжуваат своите преговори“, додаде Ердоган.

Разговори со Путин

Претседателот на Туркије додаде дека можеби наскоро ќе има телефонски разговор со Путин без да чека евентуална средба во август.

Претходно Ердоган рече дека се очекува Путин да ја посети Туркије во август за да разговара за билатералните односи и регионалните прашања, вклучително и за Договорот за жито преку Црно Море.

„Русија, исто така, има некои очекувања. Доколку тие се исполнат, Русија е за активно функционирање на овој коридор за жито“, додаде тој.

Туркије ќе ги искористи сите свои дипломатски алатки за да се осигури дека Договорот за пренос на жито преку Црно Море продолжува, рече тој, додавајќи: „Постигнат е консензус што му служи на човештвото во воена средина и ние ќе дадеме сѐ од себе за да продолжи.“

Тој со надеж рече: „Верувам дека ќе обезбедиме продолжување на Црноморската иницијатива за жито пред процесот да биде пролонгиран.“

Туркије, меѓународно пофалена за нејзината единствена улога на посредник меѓу Украина и Русија, постојано ги повикува Киев и Москва преку преговори да ја прекинат војната, која веќе трае повеќе од 500 дена.

TRT Balkan / агенции
Популарни