Ердоган: Убивајќи повеќе од 14.000 деца во Газа, Израел го надмина Хитлер / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Израел веќе го надминал нацистичкиот лидер Адолф Хитлер убивајќи повеќе од 14.000 невини деца во Појасот Газа.

Во своето обраќање пред Клубот на пратеници на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Парти) во Големото народно собрание на Република Туркије, Ердоган изјави дека Израел, со безусловна поддршка на Западот, врши масакри кои се темна дамка во човечката историја, како во Газа така и на Западниот Брег.

Нагласувајќи дека никој не може да ја доведе во прашање чувствителноста на Туркије за палестинското прашање, Ердоган рече дека палестинската кауза му дала нова смисла на неговиот живот.

„Ќе продолжам да ја бранам борбата на Палестина, да бидам глас на угнетениот палестински народ, дури и сам да останам на тој пат“, рече Ердоган.

Турскиот претседател ја спореди борбата на палестинската група на отпорот Хамас со војната за независност на Туркије пред повеќе од 100 години.

„Она што движењето Кувајимилије го претставуваше за време на нашата ослободителна борба, Хамас е исто. Свесен сум дека тоа што го кажувам има последици“, рече Ердоган.

Ердоган исто така најави и продолжување на поддршката на Туркије за праведната палестинска борба.

„Можеби нема да можеме да објасниме сѐ што направивме, но оние кои го доведуваат во прашање нашиот став и чувствителност кон палестинската кауза ќе се засрамат и ќе видат каква неправда направиле“, заклучи Ердоган.

AA
Популарни