Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на обраќањето на Генералното собрание на Обединети нации (ОН) повика на „достоинствен излез“ од седуммесечната руско-украинска криза.
„Заедно, треба да најдеме разумно практично дипломатско решение што ќе им даде на двете страни достоинствен излез од кризата“, рече Ердоган на отворањето на Генералното собрание на ОН.
Тој разговараше со украинскиот претседател Владимир Зеленски по телефон пред да се обрати на отворањето на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации со итен апел за мир.
Тој рече дека траен мир мора да се заснова на заштита на територијалниот интегритет на Украина.
„Ќе продолжиме со засилување на нашите напори за ставање крај на војната што повторно се разгоре во последните денови врз основа на територијалниот интегритет и независност на Украина. Ги поканувам меѓународните организации и сите земји да дадат искрена поддршка на напорите на Туркије“, потенцираше Ердоган.
Договорот од Истанбул за продолжување на извозот на жито од Украина е „едно од најголемите достигнувања на ОН во последниве години“, изјави Ердоган.
„Како резултат на нашите интензивни напори со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, се погриживме украинското жито да стигне до светот преку Црното Море“, рече Ердоган во своето обраќање на 77-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Овој договор, кој е од критично значење за одржување на глобалните резерви на жито, е едно од најголемите достигнувања на ОН во последниве години“.
Избори без проблеми во Босна и Херцеговина
Исто така Ердоган повика на „одржување избори во Босна и Херцеговина без проблеми и напредок во процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина што ќе придонесе за стабилноста на регионот“.
Претседателот на Туркије во говорот се осврна и на повеќе важни прашања вклучувајќи ја неодамнешната криза на границата меѓу Азербејџан и Ерменија потенцирајќи дека ќе се залага за продолжување на преговорите за мир.