Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тргна за Кахраманмараш со цел да ги посети зоните погодени од земјотресите со епицентар во Елбистан и Пазарџик.
Ердоган со авион тргна од Аеродромот „Есенбога“ во Анкара. Тој ќе ги посети зоните погодени од земјотресот и од самото место ќе ги координира работите.
Се очекува дека Ердоган, во рамки на посетата на центарот на градот Кахраманмараш, ќе го посети шаторскиот град во оваа зона. Ердоган потоа ќе замине во Пазарџик.
Исто така, се очекува дека Ердоган, по посетата на овие зони, ќе замине во Хатај.
Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
Најмалку 7.108 луѓе загинаа, а 40.910 други се повредени по двата силни земјотреси во понеделникот што ја погодија јужна Туркије, соопшти Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.
Туркије прогласи седумдневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.
Земјотресите се почувствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и во други региони.