Ердоган во Ријад: Израелското нуклеарно оружје треба да се истражи / Photo: AA

Нуклеарното оружје, чие постоење го признаваат и израелските министри, треба да се истражи, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во обраќањето на вонредниот заеднички Арапско-исламски самит во саудискиот главен град Ријад, Ердоган порача: „Прашањето за нуклеарното оружје, чие постоење го признаа израелските министри, треба да се истражи. Ако има нуклеарни бомби прокриумчарени надвор од контролата на Меѓународната агенција за атомска енергија, мора да бидат откриени.“

Израелската администрација, која се однесува како „разгалено дете на Западот“, е должна да ја надомести штетата што ја предизвика, додаде турскиот претседател.

Во врска со повиците за прекин на огнот и за траен мир во регионот, Ердоган рече: „Ние сме подготвени да ги направиме потребните активности, вклучително и како [земја] гарант, за да се зачува мирот што ќе се воспостави“.

„Кудс (Ерусалим) е нашата црвена линија. Наша желба е Ерусалим, познат како град на мирот, и сите палестински територии да се вратат како во старо време“, истакна тој.

Министерот за наследство на Израел, Амихаи Елијаху, член на екстремно десничарската партија Отзма Јехудит, изјави за израелските медиуми во неделата дека фрлањето „нуклеарна бомба“ врз Појасот Газа е „една од опциите“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се огради од изјавата и според јавувањата на медиумите го суспендирал Елијаху од присуството на состаноците на Кабинетот на неодреден период.

Кралството богато со нафта требаше да биде домаќин на два самити, на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИК).

Претставниците на исламскиот свет ќе разменат идеи за конкретните чекори што треба да се преземат во врска со последните случувања.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, вклучувајќи и болници, домови и храмови, по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври.

Во израелските напади врз Појасот досега загинаа најмалку 11.078 Палестинци, од кои 4.506 деца и 3.027 жени.

AA
Популарни