Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, во интервју за Си-Ен-Ен Интернешнал (CNN International) изјави дека Туркије на изборите ја покажа моќта на демократијата и оти се надева дека народот нема да го изневери ниту во вториот круг.
Ердоган одговараше на прашањата на новинарката на Си-Ен-Ен Интернешнал Беки Андерсон, говорејќи за различни теми од изборниот процес до надворешната политика.
„Сите избори во кои влегувавте во последните 20 години лесно ги добивавте, а на изборите рушевте рекорди. Првпат во историјата на Туркије изборите дојдоа до втор круг. Колку удобро се чувствувате сега?“, запрашан е Ердоган, на што одговори:
„На изборите што ќе се одржат следната недела, верувам дека мојот народ ќе покаже сила на турската демократија, како што и во претходниот круг излезноста беше 90 отсто. Ова е многу значаен процент на излезност. Не постои нешто слично во светот. И од овие избори се надевам дека мојот народ нема да не изневери.“
На потсетување на новинарката дека американскиот претседател Џо Бајден го нарекол „автократ“, Ердоган рече:
„Дали е можно диктатор да е лице кое оди во втор круг? Вистината е следна: Народниот сојуз ќе влезе во парламентот со 332 пратеници, а неговиот прв човек оди во вториот круг. Каква е тоа диктатура?“ На прашањето дали, доколку повторно биде избран, ќе соработува со Бајден, Ердоган рече:
„Без било каков сомнеж. Ќе работам со господин Бајден. Ако Бајден се смени, ќе работам со оној што ќе го замени.“ Во текот на разговорите стана збор и за руско-украинскиот судир.
„Во овој момент Западот не зазеде балансиран пристап. Со други зборови, избалансиран пристап кон земја како Русија би бил многу поточен. Додека јас го развивам или одржувам овој однос со г-дин Путин, и Западот требаше да го стори истото, бидејќи ние денес сме си потребни во светот. Со други зборови, се среќавам со господинот Путин на ист начин како што се среќавам со секоја земја на Запад во моментов“, рече турскиот претседател.
Ердоган го наведе примерот на Црноморскиот житен коридор, за кој истакна дека го направиле корисен не само за западните, туку и за африканските земји.
„Видете, сега го продолживме, периодот на извоз на житото за уште два месеци од 18 мај. Како ова функционираше? Тоа беше благодарејќи на нашите посебни односи со господин Путин“, појасни Ердоган. Целото интервју на Ердоган за „Си-Ен-Ен Интернешнал“ ќе биде емитуван во текот на денот.