Ердоган: Зајакнат суверенитетот на Азербејџан над Карабах / Photo: AA

Суверенитетот на Азербејџан над Карабах е зајакнат по неодамнешните антитерористички активности во регионот, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Како Туркије, ние бевме покрај Азербејџан во сите процеси. Силно ја нагласив нашата поддршка во моето обраќање пред Генералното собрание на ОН минатата недела. Како резултат на операцијата, суверенитетот на Азербејџан е зајакнат врз целиот Карабах“, изјави Ердоган пред новинарите синоќа во претседателскиот авион на враќање од посетата на азербејџанската автономна ексклава Нахчиван.

„Што е уште поважно“, рече Ердоган, „се отвори нова можност за воспоставување траен мир и стабилност во регионот.“

Тој додаде дека азербејџанската Армија цврсто застанала против терористите и за време на операцијата се грижела за животите на цивилите.

Ердоган рече дека Туркије очекува Ерменија да покаже силна волја со цел да ги унапреди односите Баку - Ереван, наместо да го одолговлекува процесот.

Турскиот претседател одговараше и на новинарски прашања за купувањето авиони Ф-16 од Соединетите Американски Држави.

„Меѓу поважните потешкотии поврзани со авионите Ф-16 од САД беа активностите на американскиот сенатор (Боб) Менендез. Министерот за надворешни работи (заб. ав. Хакан Фидан) внимателно го следи целиот процес. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и Хакан Фидан се сретнаа во САД пред три или четири дена. Тие разговори сè уште се во тек. Но, сега би било корисно да се претвори оваа ситуација во можност и повторно да се сретнат со него“, рече Ердоган, наведувајќи дека „можеби ќе имаат можност да го забрзаат процесот во однос на Ф-16“.

Осврнувајќи се и на прашањето за членството на Шведска во НАТО, Ердоган повтори дека таа земја има одредени обврски.

„Доколку го одржат зборот и нашиот парламент ќе го стори истото, ќе преземе чекори соодветно“, рече Ердоган.

„Туркије ќе биде погласна за Северен Кипар за другите земји да го признаат“, рече Ердоган, додавајќи дека Кипар заслужува да не биде запаметен по тензиите.

Зборувајќи за прашањата поврзани со Туркије, Ердоган рече дека земјата мора да се ослободи од срамот на Уставот од државниот удар и дека народот заслужува да има граѓански, либерален устав кој е во согласност со условите на времето.

Тој рече дека Туркије продолжува да се бори против инфлацијата:

„Ќе ја зајакнеме борбата против инфлацијата преку стимулирање на производството и инвестициите. Ќе продолжиме да преземаме чекори да спречиме нашите граѓани да бидат погодени од инфлацијата.“

На крајот, Ердоган додаде дека во тек се подготовките за посетата на израелскиот премиер (Бенјамин Нетанјаху) на Туркије и дека е можно таа да се случи во октомври или ноември.

TRT Balkan / агенции
Популарни