„Ќе имплементираме два концепта, стабилност и доверба. Ќе го градиме векот на Туркије со стабилност и доверба“, рече Ердоган по првиот состанок на новиот кабинет во Анкара. / Photo: AA

Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган изјави дека сите 85 милиони турски граѓани заедно ќе ја градат визијата на „Векот на Туркије“.

„Ќе имплементираме два концепта, стабилност и доверба. Ќе го градиме векот на Туркије со стабилност и доверба“, рече Ердоган по првиот состанок на новиот кабинет во Анкара.

Турскиот претседател Ердоган освои нов петгодишен мандат како претседател на државата по победата во вториот круг од претседателските избори на 28 мај, а во саботата го претстави новиот кабинет по церемонијата на положување заклетва. Претходно, на 14 мај во Туркије се одржа првиот круг од претседателските и парламентарните избори.

„На овие избори сите во Туркије победија со нас и нашата алијанса. Без разлика на нивните политички преференции, победија сите 85 милиони граѓани“, рече Ердоган.

Тој исто така рече дека нацијата ја сочува својата волја и иднина со рекордно учество на изборите, додавајќи дека турската демократија стана референтна точка за светот.

Ердоган вети дека ќе го прегрне секој граѓанин, велејќи дека ќе продолжи да работи за земјата без да исклучува никого.

„Предлогот за уставни реформи, кој го ставивме на дневен ред пред изборите, ќе го дадеме на проценка на новиот состав на парламентот“, рече Ердоган.

Тој посочи дека новиот кабинет нема лесна задача, но дека е решен да се справи и да ги реши проблемите и предизвиците со кои се соочува државата и граѓаните, вклуувајќи ја и инфлацијата.

Ердоган најави и продолжување на решителната политика на решавање на проблемите со кои се соочуваат жителите на јужните региони на Туркије, кои беа погодени од разорните земјотреси во февруари.

Пред почетокот на денешната седница, Ердоган ги предводеше членовите на кабинетот во посетата и оддавањето почест во Антикабир, мавзолејот на основачот на Република Туркије Мустафа Кемал Ататурк.

TRT Balkan / агенции
Популарни