Провокациите насочени кон светоста на џамијата Ал Акса се сè почести, истакна Ердоган / Photo: AA

Одбраната на Ерусалим (Ал Кудс) значи одбрана на човештвото, мирот и почитувањето на различните религии, Туркије решително ќе ја продолжи оваа борба, изјави во петокот турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган говореше на Петтата конференција на Интерпарламентарната платформа Ал Кудс, осврнувајќи се на израелските напади врз Газа, во кои досега беа убиени речиси 35.000 цивили, и повтори остри критики за Нетанјаху.

„Оние кои сакаат да ги видат фараоните од модерната ера не треба да одат далеку, нека ги погледнат оние кои брутално убија 35.000 Палестинци во последните 203 дена. Нетанјаху, како и убијците пред него, срамно го запиша своето име во историјата како „касапот на Газа“, рече Ердоган.

Зборувајќи за злосторствата на израелската армија во Газа, Ердоган рече дека „менталитетот кој го слави роденденот на своето дете убивајќи цивили во Газа ја изгуби секоја врска со човештвото и најосновните човечки вредности“.

„Провокациите насочени кон светоста на џамијата Ал Акса, нашата прва кибла се сè почести. Окупаторскиот Израел чекор по чекор го уништува идентитетот на Ал Кудс, рече Ердоган, додавајќи:

„Во секој агол на Ал Кудс има трага, дело и печат од моите херојски предци кои му служеле на овој свет град 400 години. Никој не може да ги избрише тие траги. Одбраната на Ал Кудс значи одбрана на човештвото, мирот и почитувањето на различните вери, Туркије решително ќе ја продолжи оваа борба“.

Тој подвлече дека тие го гледаат Хамас како национална палестинска сила.

„Ќе продолжиме да ги сметаме нашите браќа од Хамас, кои ја бранат својата татковина од окупаторите, како национални сили на Палестина. Ние не сме од оние слаткоречиви политичари кои своите зборови и ставови ги одредуваат како што дува ветерот. На ова патување тргнавме облечени со чефин“, подвлече Ердоган.

Во контекст на она што се случува во Палестина и непочитувањето на правата на палестинскиот народ, турскиот претседател рече дека западните вредности како демократијата, слободата, правото, слободата на изразување, мислење и печат се заборавени и повлечени штом се однесуваат на Израел.

Тој потсети дека, во трговскиот контекст, Туркије е „единствената земја што воведе извозни ограничувања на 54 групи производи за Израел“.

„Туркије е првата што ѝ помага на Газа. Вкупната количина на хуманитарна помош што ја испративме со 13 авиони и девет бродови од 7 октомври достигна 50.000 тони“, рече Ердоган.

Турскиот претседател ги критикуваше Соединетите Американски Држави за поддршката на Израел, велејќи дека „безусловната воена и дипломатска поддршка на американската администрација на Израел не придонесува за решението, туку го влошува проблемот“.

Тој нагласи дека Интерпарламентарната платформа Ал Кудс со своите активности, состаноци и конференции стана гласот на палестинската кауза на глобално ниво.

AA
Популарни