Ердоган:Светскиот пазар на ѓубрива ризик за поголема криза со храна во 2023

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот ги повика лидерите на Г-20 да преземат акција за стабилизирање на светскиот пазар на ѓубрива за да не се соочат со поголема криза со храна во 2023 година.

„Во моментов светот се соочува со можност за криза и кај оризот, како кај пченицата, сончогледовото масло и пченката. Исто така, треба брзо да се стабилизира светскиот пазар на вештачки ѓубрива“, рече Ердоган на сесијата „безбедност за храна и енергија“ на самитот на Г-20 во Бали, Индонезија.

Ердоган рече дека Туркије направи големи напори за да обезбеди глобална безбедност на храната, а преку 10 милиони тони жито беа извезени на светските пазари благодарение на договорот за жито од Црното Море.

„Се разбира, за да продолжи да функционира механизмот, мора да се преземат чекори за олеснување на пречките кои предизвикуваат проблеми, со ваша поддршка. Покрај тоа, мора да преземеме активности за транспорт на извезеното жито во неразвиените региони кои имаат итна потреба, особено во Африка“, додаде тој.

Како и во управувањето со кризата со храна, Туркије дава јасен придонес за енергетската безбедност на нејзиниот близок регион, особено на Европа, рече Ердоган.

„Туркије долго време непречено ги спроведува потезите што ќе ја поддржат безбедноста на снабдувањето со енергија на неа и на нејзиниот регион“, додаде тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни