Претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, денес го поздрави договорот меѓу Израел и Хамас за хуманитарна пауза во Газа.
Израел и палестинската група Хамас претходно објавија договор за примирје за размена на заложниците и хуманитарна пауза, што се очекува да биде спроведен во четврток или петок, објави израелскиот Канал 12.
„Со цело срце го поздравувам постигнатиот договор за ослободување на 50 заложници и за пауза во непријателствата“, рече Урсула фон дер Лајен во соопштението.
Таа, исто така, изрази „благодарност“ до оние што неуморно работеле преку дипломатски канали во последните недели за да посредуваат за овој договор.
„Европската комисија ќе направи сѐ за да ја искористи оваа пауза за хуманитарен бран во Газа. Го замолив комесарот Јанез Ленарчиќ да ги зголеми дополнителните пратки во Газа колку што е можно побрзо за да се ублажи хуманитарната криза во Газа“, истакна Фон дер Лејен.
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, сподели објава на социјалната мрежа X за да го „поздрави договорот за ослободување на жените и децата што се држат како заложници во Газа“.
Тој им се заблагодари на Катар и Египет за нивните напори во постигнувањето на договорот и додаде: „Исто така, од клучно значење е да се искористи оваа пауза во непријателствата за максимално да се овозможи хуманитарната помош да дојде до оние на кои им е потребна.“
Белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лахбиб, исто така, на социјалната мрежа X напиша дека нејзината земја го поздравува договорот.
„Ова е клучен прв чекор што треба да биде проследен со понатамошни активности во согласност со меѓународното право. Паузата треба да обезбеди хуманитарната помош непрекинато да стига до цивилите во Газа“, нагласи таа.
Според договорот со посредство на Катар, 50 Израелци кои ги држи Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во израелските затвори.
Договорот вклучува и четиридневна пауза во борбите и влез на 300 камиони натоварени со хуманитарна помош, вклучително и гориво, во Појасот Газа.
Договорот, исто така, дозволува продолжување на паузата и потенцијално ослободување на повеќе деца и жени што ги држат двете страни.