Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста ја потврди „целосната поддршка“ на блокот за Данска како одговор на планот на американскиот претседател Доналд Трамп да го откупи Гренланд.
Говорејќи за Евроњуз Коста истакна дека територијалниот интегритет на Данска е „суштинско прашање“ за ЕУ.
„Данска е суверена држава. Данска ги дефинира своите интереси, а Европската унија ќе ја поддржи Данска“, рече Коста.
„Не смееме да престанеме да ги браниме овие принципи кога е загрозен територијалниот интегритет на земја членка на Европската унија“, рече тој, нагласувајќи дека суверенитетот и стабилноста остануваат основни вредности на ЕУ.
Тензиите ескалираа откако Трамп одби да ги исклучи економските или воените мерки за обезбедување на Гренланд, тврдејќи дека тоа е клучно за „заштитата на слободниот свет“.
Данската премиерка Мете Фредериксен одговори со собир на европските лидери, ставајќи јасно до знаење дека полуавтономниот остров „не е на продажба“.
Иако Гренланд не е членка на ЕУ, тој одржува посебни врски со 27-члениот блок. Европската комисија потврди дека во случај на воена агресија ќе се применува клаузулата за меѓусебна одбрана на ЕУ.
„Нема да шпекулираме. Секако, се надеваме дека овој конфликт (не) не се претвори во конфликт и, ако има конфликт, тој ќе се реши пријателски, како што е соодветно меѓу сојузниците“, додаде тој.
Гренланд, територија под дански суверенитет од 1953 година, го привлече интересот на Трамп поради стратешката локација и огромните минерални ресурси.
„Фајненшл тајмс“ минатата недела објави дека Фредериксен и Трамп имале тензичен телефонски разговор од 45 минути за ова прашање, оставајќи ги официјалните лица во Копенхаген длабоко загрижени.
Трамп првпат ја изнесе идејата за стекнување на Гренланд за време на неговиот прв мандат, идеја што Данска целосно ја отфрли. Сепак, неговото враќање во Белата куќа ги оживеа стравувањата од поагресивен притисок за да се обезбеди контрола над островот.