Европа е засолниште за припадните на ФЕТО / Photo: AA Archive

Поминаа седум години од неуспешниот предавнички обид за државен удар на терористичката организација ФЕТО во Република Туркије, а бројни европски земји се уште се засолниште за припадниците на таа терористичка организација. По повод седмата годишнина од неуспешниот обид за државен удар, во Туркије се одбележува Денот на демократијата и националното единство, што е ден на сеќавање на обидот за државен удар после кој бројни терористи пучисти избегаа од Туркије во земјите на Европа и пошироко.

Тоа посебно се однесува на Германија во која терористите на ФЕТО делуваат под превезот на образованието, културата, науката и дијалогот и добиваат поддршка од германските власти во оваа област. Иако Туркије од Германија побара испорачување на 161 член на ФЕТО, барањето за нив 132 е одбиено, а процесите за преостанатите се уште траат.

Стотици членови на ФЕТО, меѓу кои и поранешни војници, судии, обвинители и новинари, добија право на азил и ставени се под заштита во Германија, земјата каде што членовите на организацијата најмногу се засолниле.

Додека оние кои пребегнаа во Германија продолжуваат да спроведуваат активности и изнесуваат неосновани обвинувања на сметка на Туркије, продолжувајќи ја така пропагандата против Туркије, вклучувајќи употреба на социјалните мрежи.

Според жалбите на припадниците на ФЕТО, германската полиција извршила претрес во куќите и ги одзеде мобилни телефони и компјутерите на Исмаил Ерел, новинарот на весникот „Сабах“ во Германија и Џемил Албај, шефот на вестите на весникот „Сабах“ за Европа кои известуваа и ставаа на дневен ред стории за активностите на терористичката организација ФЕТО во Германија.

Припадниците на ФЕТО раководат со специјална единица и од едно место низ Германија даваат правни совети и иницираат тужби поврзани со вести и случувања во врска со терористичката организација.

Припадниците на ФЕТО во Велика Британија продолжуваат со кампањата против Туркије

Велика Британија исто така е една од земјите во кои по обидот за државен удар во Туркије се засолниле вработените во медиумите и компаниите кои беа затворени поради врски со ФЕТО.

Бизнисменот Акин Ипек е меѓу членовите на терористичката организација ФЕТО во Велика Британија.

Според информациите на страницата „“Companies House“, која содржи информации за компаниите и претприемачите во Велика Британија, името Хамди Акин Ипек поврзано е со компании на три различни адреси.

Две од трите компании, чие име се појавува во пребарувањата за Ипек и се чини дека е нивни менаџер, се наоѓаат во историскиот центар на Лондон, кој е еден од најголемите финансиски центри во светот. Во евиденцијата, преостанатата компанија во кој Ипек е менаџер се наоѓа километар од британскиот парламент. Денес во Англија живее и Тарик Торос, главен уредник на „Буѓун ТВ“ (Bugun TV) при холдингот Коза Ипек, а во сопственост на Ипек. Торос се огласува од адрсата на компанијата под називот „TT Medya“ во северен Лондон и продолжува да ја зема за цел Туркије на своите профили и страници на социјалните мрежи и Јутјуб емисии.

И Туран Ѓорурјилмаз работи за медиумските организации поврзани со ФЕТО, и како и Торос, живее во Англија. Тој исто така продолжува да објавува публикации против Туркије преку социјалните мрежи. Керим Балџи е уште едно име поврзано со ФЕТО кој учествуваше на настаните во британскиот парламент, а кој во емисија за време на обидот за државен удар во Туркије им упати повик на граѓаните да не излегуваат на улиците. Балџи живее во Лондон и продолжува да шири објави блиски до ФЕТО на својот Твитер профил и да шири ФЕТО пропаганда во емисиите во кои учествува.

ФЕТО структури во Шведска

По неуспешниот обид за државен удар на 15 јули во 2016 година во Шведска пребегаа некои од водачите на терористичката организација ФЕТО и тоа главниот уредник на весникот „Тудеј Заман“ (Today’s Zaman) Булент Кенеш и заменик главниот уредник на тој весник Абдулах Бозкурт.

Меѓу оние кои побегнаа во Шведска се главниот уредник на весникот „Мејдан“ (Meydan) на ФЕТО, Левент Кенез, поранешниот началник на полицијата Мурат Четинер, таканаречениот израелски имам на ФЕТО, Харун Токак и таканаречениот имам за образование на ФЕТО во Туркије, Јилмаз Ајтен.

Бозкурт и Кенез го поседуваат порталот на англиски јазик „Nordic Monitor“ и тинк-тенк под називот Стокхолм центар за слобода (Stockholm Center for Freedom SCF). Овие организации примаат значителна помош за своите активности во Шведска. Водачите на ФЕТО во Шведска привлекуваат големо внимание и со раскошниот и луксузен живот бидејќи развија добри односи со шведските институции преку луѓето кои го познаваат системот и благодарејќи на приврзаниците на терористичката организација ПКК/ЈПГ кои живеат во таа земја.

Булент Кенеш, Абдула Бозкурт и Левент Кенез се впуштаат во активности за дезинформација со објавување на клеветнички објави за Туркије на Твитер. Содржината споделена со овие имиња се шири низ други профили на ФЕТО. Кенез прави антитурски програми и на Јутјуб каналот TR724, еден од медиумските органи на оваа организација.

Од друга страна, турското барање за испорачување на Булент Кенеш го одби шведскиот Врховен суд на 19 декември 2022 година. Освен Кенеш, одбиени се и барања за испорачување на Абдулах Бозкурт, Левент Кенез, Миртат Четинер и Харун Токак.

ФЕТО е закана за сите земји во кои делува

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Туркије во ноќта на 15 јули во 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Република Туркије официјално побара од САД.

Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење испити, со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во судството на Туркије се обидоа да процесуираат бројни високопозиционирани функционери со монтиран судски процес за наводна корупција.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч кој го изведоа офицери кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна.

AA
Популарни