ЕУ ќе додели две милијарди евра неповратна помош и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година според Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, откако Европскиот парламент го одобри на пленарна седница во средата.
За договорот гласаа 517 од 603 пратеници на ЕП, 56 беа против, а 30 беа воздржани.
По ова гласање во ЕП се отвора можноста за воспоставување на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
На 4 април, Претседателството на Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за воспоставување на овој инструмент, кој потоа беше поддржан од земјите-членки на ЕУ и комисиите на ЕП за надворешни работи и буџет.
Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан е централен дел од новиот План за раст за Западен Балкан, претставен од Европската комисија во ноември 2023 година, и е дизајниран да ги поддржи внатрешните реформи во Западен Балкан преку обезбедување одредени придобивки од членството во ЕУ и пред пристапување во ЕУ.
Исплатата на овие средства зависи од успешното спроведување на одредени реформи наведени во реформската агенда на секоја земја-корисничка.
Инструментот ќе го надополни постоечкиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III) и значително ќе ја зголеми финансиската помош за регионот.
За да се добие поддршка од инструментот во времената спогодба произлезена од меѓуинституционални преговори, наведени се одредени предуслови, како што се почитување на демократските механизми, независност на судството и владеењето на правото, како и гарантирање почитување на сите човекови права и обврски, вклучувајќи ги и правата на малцинствата.
Во соопштението на ЕП се истакнува дека парламентот поддржува строги реформи и зајакнување на вредностите на ЕУ во Западен Балкан, фокусирајќи се на транспарентноста, владеењето на правото и економската интеграција.
Во текот на преговорите со земјите-членки, членовите на ЕП успеаја да ја поддржат нивната посветеност за интеграција на Западен Балкан преку вклучување на пристапот „најпрво основите“.
Овој принцип ги поврзува владеењето на правото, борбата против корупцијата и основните права со уште две клучни области од процесот на пристапување - економско управување и зајакнување на демократските институции и реформа на јавната администрација.
Се додава дека тие биле успешни во подобрувањето на управувањето со инструментот, фокусирајќи се на посилен парламентарен надзор и транспарентност.
Исто така, се наведува дека редовниот дијалог на високо ниво со Комисијата ќе ја интензивира улогата на ЕП во следењето и контролата на напредокот на инструментот и обезбедување усогласеност на финансирањето со целите на ЕУ, како што се демократијата, економската стабилност и регионалната соработка.
„Понатаму, релевантните земји-кориснички мора да стават на располагање ажурирани информации за крајните приматели кои кумулативно добиле финансиски средства над 50.000 евра во период од четири години за спроведување на реформите и инвестициите од Инструментот“, се наведува во соопштението.
Дополнително, додадена е одредба која се однесува на синергија и комплементарност со другите програми на ЕУ, особено со Инструментот за претпристапна помош (ИПА), со цел да се избегне дуплирање на помошта и двојно финансирање.
Европратениците воспоставија рамка која ја поврзува финансиската поддршка со јасни индикатори за напредок.