Европската комисија вети милијарда евра за обнова на Туркије / Photo: AA

Европската комисија вети милијарда евра за обнова на подрачјата погодени од разорните земјотреси на југот на Туркије.

Претседателката на Комисијата на Европската унија (ЕУ) Урсула Фон дер Лајен во обраќањето на отворањето на Меѓународната донаторска конференција во Брисел повика на пружање поддршка на подрачјата погодени од земјотрес во Туркије и Сирија. „Со задоволство можам да објавам дека само Европската комисија ќе ја поддржи Туркије со една милијарда евра за обнова по земјотресот“, најави Фон дер Лајен.

Како што рече, куќите, училиштата и болниците мора да се обноват според највисоките стандарди за сеизмичка безбедност, а другата критична инфраструктура мора да биде санирана. Фон дер Лајен исто така нагласи дека ЕУ не сака само да им помогне на жртвите од земјотресите да „преживеат, туку и повторно да ги изградат своите животи“.

Таа најави дополнителен пакет од 108 милиони евра за хуманитарна помош и рано опоравување во Сирија.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што минатиот месец ја погодија јужна Туркије се искачи на 50.096, потврди Управата за вонредни ситуации (АФАД). Претседателот на АФАД Јунус Сезер изјави дека се повредени 107.204 лица.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Туркије на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш.

Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Туркије беа погодени од разорните земјотреси, како и многу други во северна Сирија.

Во соседна Сирија загинаа најмалку 4.500 лица, а повеќе од 8.700 се повредени.

TRT Balkan / агенции
Популарни