Европските земји го осудија терористичкиот напад врз објектот на Турската воздухопловна и вселенска индустрија (ТУСАШ) во главниот град Анкара, во кој загинаа пет лица, а 22 беа повредени.
Oсудa на терористичкиот напад во Анкара упати германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Шокиран сум од вестите за загинатите и повредените кои доаѓаат од Анкара. Најоштро ги осудуваме сите форми на тероризам и стоиме на страната на нашиот партнер Туркије“, напиша Шолц на социјалната мрежа X.
Се огласи и Министерството за надворешни работи на Германија, кое на најоштар можен начин ги осудува сите форми на тероризам.
„Нашата солидарност е со Туркије и нашите мисли се со семејствата на загинатите. На повредените им посакуваме брзо закрепнување“, објави германскто МНР.
Терористичкиот напад го осуди и Ричард Мур, шеф на британската служба за разузнавање (МИ6).
Нападот го осуди и претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.
„Целосно се солидаризирам со луѓето во Анкара и цела Туркије по овој ужасен терористички напад. Мое искрено сочувство до семејствата и најблиските на жртвите. Ова бесмислено насилство никогаш нема да триумфира над мирот“, наведе во објавата на платформата Х претседателката Сиљановска Давкова.
На социјалната мрежа Х, Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, го осуди терористичкиот напад во Анкара, истакнувајќи:
„Моите мисли и молитви се со турскиот народ, по шокантниот терористички напад во Анкара.
Најоштро го осудувам овој чин на терор. Во овие тешки времиња, обединети сме со граѓаните на Туркије и ја потврдуваме нашата посветеност на мирот и безбедноста“.
„Силно го осудувам терористичкиот напад што се случи денеска во Анкара. Нашите мисли и искрено сочувство се со семејствата на оние кои ги загубија животите“, објави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Терористичкиот напад во Анкара го осуди и австрискиот премиер Карл Нехамер, истакнувајќи:
„Тероризмот и насилството немаат место во нашите општества“.
Терористичкиот напад го осудија и италијанскиот премиер Џорџија Мелони, италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани, како и италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето, кој денеска отпатува за Истанбул на средба со неговиот турски колега Јашар Ѓулер.
Терористичкиот напад во Анкара го осуди и претседателот на Косово, Вјоса Османи.
„Ние стоиме со нашиот сојузник Туркије по денешниот терористички напад во Анкара. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите. Тероризмот и насилството немаат место во нашиот свет“, рече Османи.
Министерството за надворешни работи на Србија изрази сочувство до семејствата на загинатите во страшниот напад.
„Ние сме во шок и тага. Го осудуваме овој бесмислен чин на насилство и стоиме со турскиот народ во овие тешки моменти“, објави српското МНР.
Терористичкиот напад го осудија и властите на Холандија, Бугарија, Чешка, Летонија, Естонија, Норвешка...