Јавниот рејтинг на американскиот претседател Џо Бајден се намали на 39% во анкетата на Ројтерс/Ипсос.   Фото: Ројтерс

Американците денеска гласаат на конгресните избори, за сите места во Претставничкиот дом и нешто повеќе од една третина од местата во Сенатот, каде, според повеќето предвидувања, победата ќе ја извојуваат републиканците.

Популарно наречени „среднорочни избори“ бидејќи се одржуваат на половина пат од претседателскиот мандат, тие традиционално се и еден вид референдум за актуелниот претседател и речиси по правило партијата на власт во Белата куќа ја губи моќта во Конгресот за време на среднорочните избори.

Според сегашната состојба во Претставничкиот дом, демократите имаат тенко мнозинство (222 спрема 213) и речиси е сигурно дека сега ќе го изгубат.

Јавниот рејтинг на американскиот претседател Џо Бајден се намали на 39 отсто во анкетата на Ројтерс/Ипсос, засилувајќи ги очекувањата на непартиските изборни прогнозери дека неговата Демократска партија е во пад на среднорочните избори во вторник.

Бајден со понизок рејтинг

Дводневната национална анкета објавена во понеделникот покажа дека одобрувањето на Американците за работата на Бајден е намалено за еден поен, приближувајќи се до најниската точка од неговиот претседателски мандат.

На изборите за Сенатот, исходот е крајно неизвесен и демократите се надеваат дека таму би можеле да опстанат како владејачка партија. Во Сенатот има сто пратеници чиј мандат трае шест години, така што на секои две години се избира приближно една третина од вкупниот број пратеници.

Моментално е 50-50, но бидејќи потпретседателката Камала Харис го има одлучувачкиот глас, мнозинството е всушност демократско.

Денеска се очекува да бидат избрани 35 нови сенатори, 21 место сега имаат републиканците, а 14 демократите.

Најтесна е трката во Џорџија, Пенсилванија и Невада. Ако републиканците освојат две од овие држави и нема изненадувања на друго место, тие ќе ја преземат контролата врз Сенатот.

Поглед кон Пенсилванија

Изборите во Пенсилванија се едни од најтесно следените во земјата бидејќи мнозинството во Сенатот најверојатно ќе зависи од нив. Во државата, позната по големите урбани центри и индустријата во опаѓање, се води жестока битка за празното место по пензионирањето на републиканскиот сенатор.

Д-р Мехмет Оз, долгогодишен водител на многу популарната дневна телевизиска емисија за здравје, е на конзервативната страна. 60-годишниот Оз е поддржан од Доналд Трамп, кој продолжува да има значително влијание врз републиканските гласачи.

Од другата страна е Џон Фетерман, кандидатот висок 205 сантиметри. Демократот дипломирал на Харвард и 13 години бил градоначалник на градот Бредок.

И Џо Бајден и Доналд Трамп лично се вклучија во кампањата за нивните кандидати. Анкетните агенции сметаат дека трката во моментов е претесна за да се каже кој е фаворит.

Џорџија

Овозможувајќу му на Џо Бајден да го победи Доналд Трамп во 2020 година со само 12.000 гласови, Џорџија повторно е главниот предмет на изборите. Во таа сојузна американска држава има два многу блиски кандидати во кои се вложени десетици милиони долари.

Поранешната ѕвезда на американскиот фудбал, републиканецот Хершел Вокер се обидува да го освои местото во Сенатот што го држи демократскиот свештеник Рафаел Ворнок. Ворнок е првиот црн сенатор избран во Џорџија, држава која сè уште е обележана со сегрегација.

Кампањата на про-Трамп кандидатот беше во сенка на неколку неодамнешни скандали, бидејќи Вокер, познат по противењето на абортусот, беше обвинет дека платил за абортус на еден од неговите поранешни партнери.

Во исто време се води жестока битка за позицијата гувернер: републиканецот Брајан Кемп сака да ја задржи својата позиција, а негов противник е поранешната претставничка во собранието на Џорџија Стејси Абрамс, која десет години работи на мобилизирање на малцинските гласачи.

Последните денови од кампањата

Американскиот претседател Џо Бајден им порача на гласачите во Пенсилванија дека поразот на демократите на среднорочните избори во вторник ќе има „децениски“ последици, додека републиканците, вклучително и неговиот претходник Доналд Трамп, рекоа дека очекуваат убедлива победа.

Најголемите имиња во американската политика - Бајден, Трамп и поранешниот претседател Барак Обама - ја посетија Пенсилванија во саботата со надеж дека ќе го нарушат балансот во трката за Сенатот меѓу демократскиот гувернер Џон Фетерман и лекарот и ТВ ѕвезда Мехмет Оз, од страната на републиканците.

„Луѓе, три дена, три дена до еден од најважните избори во нашиот живот. Исходот ќе ја обликува нашата земја во наредните децении, а моќта да го обликувате тој исход е во ваши раце“, им рече Бајден на гласачите на Универзитетот Темпл во Филаделфија.

„Тоа е избор. Избор помеѓу две многу различни визии за Америка“.

На митинг во Латроб, југоисточно од Питсбург, Трамп изнесе низа поплаки за демократите, почнувајќи од справувањето со инфлацијата до образовните програми кои неговите поддржувачи ги сметаат за премногу прогресивни.

„Ако сакате да го запрете уништувањето на нашата земја и да го спасите американскиот сон, тогаш треба да гласате за републиканците овој вторник“, рече Трамп.

Трамп, за кој извори велат дека се подготвува да започне трета последователна трка за Белата куќа по среднорочниот мандат, продолжува да се тврди дека неговата загуба од Бајден во 2020 година е резултат на голема измама. Повеќе судови, владини агенции и членови на неговата сопствена администрација го отфрлија тоа тврдење како невистинито.

Сепак, анкетите покажуваат дека значителен број републикански гласачи го прифаќаат тоа тврдење, како и многу кандидати за Конгресот, гувернери и државни канцеларии кои ја надгледуваат изборната администрација.

„Ќе ја вратиме таа прекрасна куќа“, рече Трамп за претседателската трка во 2024 година.

Двоен референдум

Иако името на Џо Бајден го нема на гласачкото ливче, многу Американци овие избори ги гледаат како референдум за претседателот. Но, тие се и одличен тест за политичката иднина на Доналд Трамп, кој дава се од себе во кампањата на Републиканската партија и организира бројни митинзи низ земјата.

За двајцата, кои размислуваат повторно да се кандидираат на изборите во 2024 година, резултатите од среднорочните избори за едниот ќе значат опасен ветар во грбот и за другиот придушување на ентузијазмот.




TRT Balkan / агенции
Популарни