Злосторствата од омраза во Соединетите Американски Држави (САД) се зголемени за 11,6 отсто, односно од 8.120 во 2020 година на 9.065 во 2021 година.
Според статистиката, злосторствата во најголем дел биле мотивирани од расна, етничка припадност или национално потекло, објави американското Федерално истражно биро (ФБИ) во дополнителен извештај за злосторства од омраза за 2021 година.
„64,5 отсто од жртвите биле цел на напад поради нивната раса, етничка припадност или потекло, додека 15,9 отсто биле цел поради нивната сексуална ориентација и 14,1 отсто поради нивната религија“, соопшти ФБИ.
Од 8.327 дела од омраза класифицирани како злосторства против лица, во ажурираната база на податоци за 2021 година, 43,2% се заплашување, 35,5% се напад и 20,1% се тешки напади, наведуваат од ФБИ.
„Злосторствата од омраза и пустошот што тие го предизвикуваат на заедниците немаат место во оваа земја“, се вели во соопштението на придружниот јавен обвинител Ванита Гупта.