Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, во главниот град на Катар, Доха, се сретна со лидерите на палестинското движење Хамас и изрази сочувство за убиството на политичкиот лидер Исмаил Ханије во Техеран.
Во соопштението објавено на профилот на турското МНР на социјалната мрежа Х се вели:
„Нашиот министер Хакан Фидан му изрази сочувство на вршителот на должноста шеф на Политичкото биро на Хамас, Калед Машал, во Доха“.
Во објавата се наведува и дека на средбата меѓу Фидан и Машал присуствувале Абдуселам и Хемам Ханије, синовите на Исмаил Ханије.
Во средата наутро, Хамас и Иран ја потврдија смртта на Ханије во воздушен напад на израелската војска врз неговата резиденција во Техеран, еден ден откако тој присуствуваше на инаугурацијата на новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан.
Иако официјален Израел не се огласи за атентатот, премиерот Бенјамин Нетанјаху навести вмешаност на Тел Авив во убиството на лидерот на Хамас.
Политичкиот лидер на Хамас Ханије денеска ќе биде погребан во Доха, а катарските безбедносни сили презедоа интензивни безбедносни мерки во главниот град.
Многу улици и авении во Доха се затворени за сообраќај, а посебни безбедносни мерки се преземени околу џамијата „Мохамед бин Абдулвахаб“, каде што ќе биде извршен погребот по петочната молитва.
Настанот го следат претставници на бројни домашни и странски медиумски куќи.