Фидан: Мора да биде запрен геноцидниот напад на Израел врз Газа / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, изјави вчера дека добиле поддршка од 52 земји, меѓу кои и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), да се запре трансферот на оружје и муниција за Израел.

„Сите ние мора да направиме сѐ што е потребно за да преземеме поголема одговорност по ова прашање. Сега е време да го покажеме нашето единство“, рече Фидан.

Според информациите добиени од дипломатски извори, министерот Фидан го изјавил ова на состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка (ОИС) и на Вонредниот самит на Арапската лига во Ријад говорејќи за прашањето за Палестина.

Фидан нагласи дека мора да биде запрен геноцидниот напад на Израел врз Газа и нагласи дека за таа цел „мораме да дејствуваме обединето и да соработуваме со земјите кои ќе одговорат на повиците“.

Наведувајќи дека Месџид ал-Акса е загрозена, Фидан рече дека крајно десничарските политички личности во Израел, вклучително и министри, јасно ја кажале својата намера да го променат неговото историско статус кво.

Фидан истакна дека оваа состојба не е проблем само на Палестинците, туку и за сите муслимани, и наведе дека за овие прашања треба да се говори со единствен глас, но тоа не треба да биде само со зборови, туку и со дела.

Турскиот министер посочи дека некои земји продолжуваат да испраќаат оружје и муниција во Израел за да може Израел да ја продолжи оваа војна и додаде: „Како прв чекор, можеме да се заложиме за ембарго на оружје за Израел. Како Туркије, покренавме иницијатива во Обединетите нации (ОН) да се запре трансферот на оружје за Израел. Добивме поддршка од 52 земји, вклучително и постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Сите мораме да направиме сѐ што е потребно за преземање поголема одговорност по ова прашање. Сега е време да го покажеме нашето единство.“

Наведувајќи дека постојат и други средства како што е запирањето на трговијата со Израел и интервенција во тековниот случај против Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, Фидан напомена дека треба да се започне кампања за поддршка на Агенцијата на ОН за помош и работа со палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA).

AA
Популарни