Фидан: Помошта што Туркије ја испрати во Египет за да биде доставена до Газа по морски и воздушен пат надмина 42.000 тони / Photo: AA

Туркије презема низа нови мерки против Израел додека не дозволи испорака на помош за жителите на Газа и не прогласи прекин на огнот, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

Во Министерството за надворешни работи тој зборуваше за израелските напади врз Газа и хуманитарната помош за опколената палестинска енклава.

За израелското отфрлање на барањето на Туркије да испрати воздушна помош во Газа преку Јордан, тој рече: „Нема оправдување Израел да го блокира нашиот обид да достави воздушна помош до луѓето од Газа кои се борат со глад. Соочени со оваа ситуација, ние одлучивме да преземеме низа нови мерки против Израел“.

Тој изјави дека се во тек последните денови на Рамазан, светиот месец на муслиманите и дека драмата во Газа трае веќе шест месеци.

Фидан посочи дека дури и Советот за безбедност на Обединетите нации, кој досега молчеше, одлучи Израел да прогласи прекин на огнот и рече дека и покрај тоа израелските напади продолжиле и во текот на месецот Рамазан.

Потенцирајќи дека ваквиот нехуман однос ја повредува совеста на целото светско јавно мислење, особено на муслиманите, Фидан посочи дека Туркије не останала без одговор за настаните во палестинската енклава од првиот ден на израелските напади.

Фидан нагласи дека под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган зазеле најкоректна и најхрабра позиција и застанале на страната на своите палестински браќа и дека вложиле напори меѓународната заедница и исламските земји да заземат заеднички став кон Израел.

Наведувајќи дека биле успешни во овој поглед, Фидан рече: „Денес целиот свет со нетрпение го очекува денот кога израелските власти ќе бидат изведени пред лицето на правдата. За прв пат во историјата сите го осудуваат Израел и ги осудуваат неговите злосторства“.

Фидан изјави дека помошта што Туркије ја испратила во Египет за да биде доставена до Газа по морски и воздушен пат надминала 42.000 тони, а Туркије е една од првите две земји кои денеска испраќаат најмногу помош во Газа.

Наведувајќи дека деветтиот брод со хуманитарна помош е на пат, Фидан истакна дека веќе извесно време преку Јордан со падобран се доставува хуманитарна помош во Газа.

TRT Balkan / агенции
Популарни