Фидан рече дека Ердоган наскоро ќе соопшти кого ќе поддржи за шеф на НАТО врз основа на неговите барања и очекувања / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, побара од членките на НАТО да ја поддржат неговата земја во борбата против тероризмот.

„Нагласивме дека земјите-членки на НАТО треба целосно и безусловно да ја поддржат Туркије во борбата против тероризмот“, изјави Фидан за новинарите во Брисел по дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО, каде што имаше и бројни билатерални разговори со колегите.

Фидан рече и дека за време на разговорите во Брисел предупредил дека некои земји членки на НАТО не треба да соработуваат со терористичка организација, особено во Сирија која е разурната од војна.

„Рековме дека тоа е спротивно на духот на НАТО алијансата“, рече Фидан.

Потсетувајќи дека на минатогодишниот самит во Вилнус е договорено назначување на координатор за борба против тероризмот, Фидан рече дека продолжуваат напорите НАТО структурно да ја согледа борбата против тероризмот.

На средбите во Брисел се разговарало и за активностите на терористичката организација ПКК во Европа.

„Она што е тажно за европските земји е што терористичка организација, за која со години молчат, ги тероризира сопствените улици. За нас не е изненадување што сега ги гледаат овие работи“, додаде тој.

Фидан рече дека земјите треба да ги осудат актите на насилство на терористичката група ПКК против турските граѓани кои живеат во Европа, но и да преземат многу сериозни мерки за борба против нив.

„Гледам дека властите стануваат сѐ почувствителни во Европа. Гледам дека толеранцијата кон ПКК постепено се намалува. Тоа е важно“, додаде Фидан.

Избор на нов генерален секретар на НАТО

НАТО годинава слави 75-годишнина, а Фидан рече дека Туркије е членка веќе 72 години и дека дава голем придонес во алијансата и учествува во бројни мисии.

Фидан најави дека Туркије ќе биде домаќин на неформален состанок на министрите за надворешни работи на НАТО следната година.

Во врска со трката за нов шеф на НАТО и наследник на досегашниот генерален секретар Јенс Столтенберг, Фидан рече дека неодамна се сретнал со холандскиот премиер Марк Руте, кој најави кандидатура за следен генерален секретар. Тој додаде дека Руте наскоро треба да ја посети Туркије.

Неодамна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган имаше телефонски разговор со Руте, а Фидан рече дека Ердоган наскоро ќе соопшти кого ќе поддржи врз основа на неговите барања и очекувања од идниот шеф на НАТО.

Регионални теми

Шефот на турската дипломатија Фидан исто така рече дека постоечките ограничувања за турската одбранбена индустрија се некомпатибилни со духот на НАТО и треба да се отстранат.

За војната во Украина, Фидан рече дека Туркије ја поддржува безбедноста и суверенитетот на Украина и дека треба да бара начини за мир и прекин на огнот.

Фидан рече и дека на маргините на состанокот на НАТО со своите колеги разговарал за ситуацијата во Појасот Газа и изразил загриженост за неподносливата ситуација во енклавата.

„Конкретно, постојано ја нагласувавме потребата од прекин на огнот, итна хуманитарна помош и изгледите за решение со две држави. Добро е што сега речиси сите наши колеги се согласуваат со нас. Важно е меѓународната заедница да го постигне ова разбирање во текот на процесот во однос на дипломатските придобивки, но треба да се направи повеќе во однос на промена на нештата на терен. Нашата определба во ова прашање продолжува“, рече Фидан.

Посетата на Ердоган на САД

По билатералната средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Брисел, Фидан рече дека разговарале за претстојната посета на Ердоган на САД на покана на неговиот колега Џо Бајден.

Фидан рече дека агендата на Ердоган ќе вклучува различни прашања, вклучително и билатерални и регионални односи, со Газа во фокус.

„На дневен ред ќе биде и Украина. Овие две војни се однесуваат на нашиот регион. Во исто време, и двете се глобални раседни линии. Нашиот претседател ќе продолжи да го привлекува вниманието кон нив и да ја нагласува нашата чувствителност по овие прашања“, рече Фидан.

AA
Популарни