Туркије ги осудува нападите насочени кон невините цивили во Палестина, кои предизвикуваат нивна смрт, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
„Би сакал уште еднаш да нагласам дека го повикуваме Израел да се придржува до меѓународното право и човечките вредности“, порача Фидан на заедничката прес-конференција со неговиот египетски колега Самех Шукри во Каиро.
„Израел“, рече тој, „треба да има мир не само со арапските земји, туку главно со Палестинците“.
Фидан го повтори решението на Туркије за конфликтот – дводржавното решение, нагласувајќи дека палестинското прашање може да се реши со формирање на палестинска држава.
Тој истакна дека Туркије ќе продолжи да испраќа хуманитарна помош во Газа.
Во врска со евакуациите, Фидан рече дека во Газа има речиси 300 турски државјани со двојно државјанство и дека досега евакуирани се 30 од нив.
Египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри, изјави дека Египет и Туркије делат заедничка визија за важноста на напорите за надминување на сериозните хуманитарни влијанија од конфликтот врз Палестинците.
„Придвижувањето на конфликтот меѓу Палестина и Израел кон воени операции настана поради неуспехот да се реализираат легитимните права на Палестинците“, рече тој.
Фидан престојува во дводневна официјална посета на Каиро на покана на Шукри.
За време на неговата посета, Фидан во Каиро се сретна и со египетскиот претседател Абдел Фетах Ел-Сиси и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
Посетата доаѓа во време кога непријателствата меѓу палестинската група Хамас и Израел влегуваат во својата втора недела. Појасот Газа, кој се граничи со североисточен Египет, е под израелски воздушни напади, и во прекин се водата и електричната енергија, а израелската војска издаде предупредување за над 1 милион жители да ги евакуираат своите домови од северниот дел на Газа кон југ.
Туркије досега испрати три авиони со хуманитарна помош во Египет со надеж дека ќе стигнат во соседна Газа.