Треба да се отвори патот за членство во ЕУ заснован врз заслуги, потенцираше Фидан / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, истакна дека односите меѓу Туркије и Европската Унија (ЕУ) треба да се вратат на линијата пред францускиот претседател Никола Саркози и дека Туркије и Европа треба да се обединат за поефикасна регионална сила.

Фидан за француската телевизија Франс 24 даде оцена за односите меѓу Туркије и ЕУ.

„Наша процена е дека Туркије и Европа воопшто, а Туркије и Франција особено, мора да се вратат на линијата пред Саркози“, рече Фидан, додавајќи дека до ерата на Саркози политичките лидери на Германија и Франција, двете главни европски земји, членството на Туркије во ЕУ го гледале како стратегиски чекор.

Во интервјуто Фидан рече дека за време на ерата на Саркози членството на Туркије се разгледувало како дел од внатрешната политика и дека Туркије почнала да се гледа низ призмата на идентитетската политика.

Посочувајќи на постоењето на два пристапа за јакнење на безбедноста на Европа, министерот Фидан рече дека првиот од нив е Европа да создаде свој центар на гравитација во својот регион, вклучително и Туркије и да покаже геостратегиски став, со што ќе стане поотпорна на меѓународниот хаос и геополитичките ризици. Вториот пристап, смета министерот Фидан, е Европа да остане многу зависна од другите актери за сопствената безбедност.

„Доколку Туркије станеше членка на Европската Унија во 2007 или 2008 година... Тоа беа златни времиња. Кога на Туркије ѝ беше даден овој јасен патоказ, реформите на ЕУ беа на пат и никој друг меѓународен актер не ѝ се закануваше на Туркије. Туркије беше добро третирана од страна на Европската Унија и процесот заснован врз заслуги беше на добар пат, но тогаш членството на Туркије стана дел од дебатата за идентитетската политика во европската политика“, рече Фидан, додавајќи дека тоа треба да се смени.

„Мора да се вратиме на линијата пред Саркози. Затоа треба да се отвори патот за членство заснован врз заслуги. Туркије треба да се обедини со Европа за да создаде поефикасна сила во регионот“, рече Фидан.

Осврнувајќи се на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Анкара, шефот на турската дипломатија Фидан за почетокот на политичкиот дијалог на високо ниво меѓу Туркије и ЕУ го истакна следново:

„Наш впечаток е дека таа сака да има таква можност. Нашиот претседател дефинитивно е подготвен да се движи во таа насока.“

TRT Balkan / агенции
Популарни