За израелската „окупациска провокација“ на Голанската висорамнина во Сирија, Фидан рече дека Анкара испратила порака до Тел Авив, предупредувајќи ги да се откажат од оваа „опасна стратегија“ / Photo: AA

Турската амбасада во сирискиот главен град Дамаск ќе профункционира од утре, потврди доцна во петокот турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

„Персоналот на амбасадата како тим е на пат. Амбасадата ќе започне со работа утре“, рече Фидан за време на гостувањето на приватниот турски канал за вести НТВ.

Зборувајќи за неодамнешниот пад на режимот на Башар Асад претходно овој месец, соочени со брзиот напредок на антирежимските групи, Фидан рече дека Туркије „го отворила патот тоа да се случи без крв и со минимална човечка загуба“ со продолжување на разговорите со „два клучни актери“, мислејќи на Русија и Иран.

Фидан, исто така, рече дека „Сирија сега има доминантна национална влада“, која не ја признава ЈПГ, ниту признава која било друга сила и дека тие ја враќаат нивната земја, нивниот суверенитет.

Фидан истакна дека стратешката цел на неговата земја е да ја елиминира ПКК/ЈПГ, велејќи: „Или ќе се распуштат сами или ќе бидат распуштени“.

Во врска со израелската „окупациска провокација“ на Голанската висорамнина во Сирија, Фидан рече дека Анкара испратила порака до Тел Авив, предупредувајќи ги да се откажат од оваа „опасна стратегија“.

Веднаш по падот на режимот на Асад на 8 декември, израелската војска окупираше тампон зона во Сирија во окупираната Голанска Висорамнина, набргу откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го објави пропаѓањето на договорот за раздвојување со Дамаск, надгледуван од ОН.

Израелската војска изведе стотици воздушни напади врз воени бази, локации за противвоздушна одбрана и штабови на разузнавањето, како и складишта за ракети со долг и краток дострел и неконвенционални резерви на оружје низ Сирија.

Башар ал Асад, лидерот на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск, ставајќи крај на режимот на партијата Баас кој владееше со Сирија од 1963 година.


TRT Balkan / агенции
Популарни