Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денес изјави дека Јужен Кавказ има потенцијал да стане регион на мирот, стабилноста и просперитетот.
На заедничката прес-конференција по 9. трилатерален состанок на министрите за надворешни работи меѓу Туркије, Азербејџан и Грузија во Баку, Фидан изрази благодарност за гостопримството во главниот град на Азербејџан и ја нагласи важноста на механизмот на трите земји во решавањето на заедничките интереси и грижи.
Фидан и неговиот грузиски колега Илија Дарчиашвили присуствуваа на состанокот чиј домаќин беше азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов.
Механизмот на трилатерални состаноци има за цел да ја промовира регионалната стабилност, мирот и просперитетот.
Фидан ги истакна економските нарушувања предизвикани од пандемијата на КОВИД-19, кои имаат негативно влијание врз транспортот и синџирите на снабдување, како и хуманитарните и економските трошоци на тековниот конфликт меѓу Украина и Русија.
Во врска со засилените напади на Израел врз Палестинците, турскиот министер за надворешни работи рече: „Тековниот масакр во Газа продолжува да ги разоткрива слабостите на меѓународниот систем.“
Фидан, исто така, изрази загриженост за хуманитарната криза во Газа и повика на итен прекин на огнот за да се овозможи влез на хуманитарна помош. Исто така, тој ја истакна важноста од решение со две држави за траен мир во регионот и ја повтори посветеноста на Туркије за зајакната соработка преку трилатерални и билатерални односи.
Тој ги спомена регионалните случувања, како што Азербејџан го врати територијалниот интегритет по 30 години окупација и Грузија стана кандидат за ЕУ.
За време на средбата тој ја истакна потребата од подобрување на соработката и разбирање на новонастанатата ситуација во регионот: „Претстои вистинска можност Јужен Кавказ да се трансформира во област на мирот, стабилноста и заедничкиот просперитет.“
Министерот, исто така, разговараше за договорот меѓу три земји за зајакнување на успешната соработка на Туркије во енергетиката и поврзувањето со Азербејџан и Грузија, како и мерките за унапредување на овие напори.
Тој ја истакна важноста на целосниот оперативен капацитет на железничката линија Баку-Тбилиси-Карс, како и стратегиското значење на Црното Море во регионалната безбедност, економијата, енергетиката и транспортот.
Турскиот министер го нагласи духот на соработка меѓу Туркије, Азербејџан и Грузија во мултилатералните економски платформи, наведувајќи го забележителниот пример од 2023 година.
Фидан ја пофали значајната поддршка на Туркије за Азербејџан и Грузија за време на нејзиното претседавање со Организацијата за црноморска економска соработка (БСЕЦ) и ја потврди подготвеноста на Анкара да помогне во различни области.
Тој му честиташе на Азербејџан за тоа што е домаќин на 29. конференција на страните на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, нагласувајќи ја важноста од обезбедување траен мир во Јужен Кавказ за глобалната безбедност и поврзување.
Подоцна, азербејџанското Министерство за надворешни работи на социјалната мрежа X рече дека министрите за надворешни работи на Туркије, Азербејџан и Грузија „ја потпишале Декларацијата од Баку за резултатите од 9. трилатерален состанок“.
Министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, истакна дека со завршувањето на окупацијата на Карабах земјата ги поставила темелите за регионален мир и стабилност.
„Азербејџан постојано демонстрира политичка волја и поддржува интензивни директни преговори и очекува што поскоро да потпише мировен договор со Ерменија“, рече Бајрамов.
Тој нагласи дека во моментов трите земји се ангажирани во плодна „регионална економска соработка, со значајни регионални и глобални економски проекти“.
Бајрамов, исто така, истакна дека овие проекти се клучни за „поттикнување на трговските врски меѓу Истокот и Западот“.
„Претседателот Илхам Алиев ѝ придава посебно значење на регионалната соработка Азербејџан-Грузија-Туркије“, рече тој.
Грузискиот министер за надворешни работи Илија Дарчиашвили, од своја страна, рече дека на средбата споделил детали за „членството на Грузија во ЕУ со двете земји“.
Тој истакна дека проектите за соработка меѓу трите земји ќе ги зајакнат нивните односи.
Дарчиашвили рече дека за време на трилатералната средба тие ги повторија „значењето и издржливоста“ на нивното партнерство, и додаде: „Би сакал да истакнам дека овој формат е еден од најефикасните и најуспешните механизми на регионална соработка. Оваа платформа, особено во светлината за актуелните глобални и регионални предизвици, ни овозможува да останеме информирани за потребите на регионот.“