Израел ги крши релевантните резолуции на ОН и се откажа од договорот од Осло, рече палестинскиот претседател / Photo: AA

Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, вчера изјави дека мирот на Блискиот Исток не може да се постигне без обезбедување на правата на Палестинците, известува Анадолу.

Тој во своето обраќање на 78. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, го предупреди Израел да не ја претвора политичката борба во верски судири, потсетувајќи на упадите и кршењата на исламските и христијанските светилишта во Ерусалим.

„Израел ги крши релевантните резолуции на Обединетите нации и се откажа од договорот од Осло, а ние сѐ уште имаме надеж дека ќе ги спроведеме нашите одлуки за ставање крај на израелската окупација на нашата земја“, рече Абас.

Палестинскиот претседател го повика шефот на ОН, Антонио Гутереш, да изврши подготовки за меѓународна мировна конференција, за да може да продолжи процесот што е запрен поради израелската политика.

„Конференцијата би можела да биде последна можност дводржавното решение да се задржи како можност и да се спречи посериозно влошување на ситуацијата“, истакна Абас.

Тој побара практични чекори за признавање на палестинската држава и полноправно членство во ОН.

Тензиите низ Западниот Брег се зголемија во последните месеци поради обновените израелски напади на палестинските градови.

Мировните преговори меѓу Палестинците и Израелците се прекинати од април 2014 година поради одбивањето на Тел Авив да ја запре изградбата на населбите и да ги ослободи палестинските заробеници. Израел исто така, избегнува разговори за дводржавно решение.

AA
Популарни