Франција нема да го поддржи принудното раселување на Палестинците од Појасот Газа, изјави вчера постојаниот претставник на Франција во Обединетите нации Никола де Ривиер.
„Франција се противи на присилното раселување на населението. Ова е многу јасно. Ние нема да го поддржиме принудното раселување на луѓето. Очигледно е дека Појасот Газа е населен со Палестинци. Нашата цел е Палестинците да продолжат да живеат таму во безбедност и во добри услови.Тоа треба да биде приоритет“, рече де Ривиер.
Тој ги даде коментарите откако израелските власти повикаа на доброволна евакуација на Палестинците од Газа и повикаа многу земји да ги прифатат Палестинците од енклавата.
Де Ривиер рече дека протерувањето на луѓето од Газа или повторното колонизирање на Газа се тешки идеи, додавајќи дека е од суштинско значење да се прекине воената операција и да не се таргетираат цивили.
„Палестинците треба да можат да живеат во мир во своите домови, а бомбардирањето на цивилите во Појасот Газа треба да заврши. Болниците, училиштата се уништени... Сакаме тоа да заврши“, нагласи францускиот претставник.
Тој рече дека палестинската група Хамас „го користи цивилното население како жив штит, криејќи се во училиштата.
„Тоа е вистина. Меѓутоа, секогаш кога постои сомнеж, не треба да ги бомбардирате училиштата“, рече де Ривиер.
Нагласувајќи ја потребата да се заштити цивилното население, Де Ривиер рече дека во Газа живеат два милиони цивили, а не два милиони терористи.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Нападите го оставија Појасот Газа во урнатини. Околу 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, а речиси два милиони жители се раселени.
Оттогаш, според Министерството за здравство на Газа, загинале најмалку 22.185 Палестинци, а 57.035 се повредени. Се верува дека во нападот на Хамас биле убиени речиси 1.200 Израелци.