Габриел Атал е назначен за нов премиер на Франција / Photo: AA

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера го именуваше министерот за образование и млади на земјата за нов премиер на Франција, брзо пополнувајќи ја штотуку испразнетата функција, јавува Анадолу.

„Претседателот на Републиката го назначи Габриел Атал за премиер и го задолжи за формирање нова Влада“, се истакнува во соопштението објавено од Претседателството.

Претседателот Емануел Макрон преку објава на платформата X му честита на Атал, изразувајќи доверба во него.

Последните денови се очекуваше реконструкција на Кабинетот на Макрон.

Вчера, Макрон ја прифати оставката на премиерката Елизабет Борн.

Во оставката, Борн ја изрази својата посветеност кон доделената мисија, додавајќи дека Макрон ја искажал својата „волја да назначи нов премиер“.

Макрон на платформата X објави порака во која ѝ се заблагодарува на Борн за нејзината служба како премиерка на Франција.

Борн беше назначена на функцијата во мај 2022 година, а нејзиното заминување доаѓа по усвојувањето на бескомпромисниот нацрт-закон за имиграција кон крајот на минатата година.

Таа се соочи со критики за уставно заобиколување на парламентарното гласање при отсуство на поддршката од мнозинството, како и за контроверзните пензиски реформи во првата половина на 2023 година.

Роден во 1989 година, новиот француски премиер Габриел Атал претходно беше владин портпарол и министер за буџет и јавни прашања.

На 34-годишна возраст, Атал ќе биде еден од најмладите шефови на влади во светот, ако не и најмладиот.

AA
Популарни