Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека израелските војници напредуваат кон центарот на градот Газа, кој се наоѓа во северниот дел на блокираниот Појас Газа.
Галант на прес-конференција вчера во Тел Авив ги даде најновите информации за нападите на израелската армија врз Појасот Газа.
Галант рече дека израелските сили започнале координиран воздушен, копнен и морски напад врз цели на военото крило на Хамас, Бригадите Ал-Касам, во градот Газа.
Тој посочи дека дополнително ја зајакнале опсадата на градот Газа.
Галант тврди дека израелските сили напредуваат кон „срцето“ на градот Газа од север и југ и се обидуваат да влезат во станбени области.
- Армијата влезе од север и од југ, пешадија, тенкови и оклопни возила и сите имаат една цел - терористите на Хамас во Газа, нивната инфраструктура, команданти, бункери, простории за комуникација. Највисокиот функционер на Хамас во Газа, Јахја Синвар, е изолиран во бункер, рече Галант.
Коментирајќи ги апелите за хуманитарен прекин на нападите на Газа, израелскиот министер за одбрана повтори дека тоа нема да биде можно без ослободување на заложниците.
Галант се осврна и на зголемените тензии на либанската граница, истакнувајќи дека Израел нема намера да војува со Хезболах.