Израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат без прекин веќе три месеци.
Покрај египетската граница со Газа ископани се масовни гробници за загинатите во израелските напади што траат од 7 октомври.
Станува збор за нови масовни гробници бидејќи бројот на убиени постојано расте, и нема доволно место за нивно погребување.
Од почетокот на израелските напади врз Газа досега загинати се 23.708 Палестинци.
Министерството за здравство во Газа денес соопшти дека повредени се 60.050 Палестинци и дека овие бројки се однесуваат исклучиво на телата и ранетите евидентирани во болниците. Од Министерството нагласија дека 70 отсто од загинатите се деца и жени.
Израелските напади предизвикаа катастрофална хуманитарна криза во Појасот Газа и го доведоа здравствениот систем таму на работ на понорот. Недоволните количини храна, чиста вода, средства за хигиена и лекови носат и ризик од ширење на заразни болести во центрите каде стотици илјади раселени луѓе се борат за гол опстанок.