Потресни фотографии и снимки пристигнуваат со месеци од Појасот Газа, кој е под израелски напади.
Десетици тела се наоѓаат во дворот на болницата Акса и се чека да бидат погребани во градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Семејствата се збогуваат со убиените членови на фамилијата. Меѓу нив е и 11-годишното девојче Лејан, кое се збогува со својата сестра Сеџа, која е убиена во еден од израелските напади.
Во дворот на болницата има траорна слика на Палестинци кои се збогуваат со своите убиени најблиски.
Лејан пријде до телото на својата сестра да ја види последен пат. Таму е и нејзиниот татко.
Таа ја бакнува главата на својата сестра со која си играше и која до неодамна беше со неа.
Илјадници деца се убиени во израелските напади врз Појасот Газа, кои траат речиси шест месеци.
„Драга моја сестро, Господ да ти се смилува“, рече Лејан збогувајќи се со сестра си.
Филип Лазарини, генералниот комесар на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), на 13 март објави дека бројот на убиени деца во Газа е поголем од вкупниот број деца убиени во војните низ светот во последните четири години.
„Ова е војна што се води против децата. Војна што се води против иднината на децата“, рече Лазарини.
Во последните четири години низ светот убиени се 12.193 деца.
Меѓутоа, во Појасот Газа од октомври минатата година убиени се околу 14.300 деца.