Министерството за здравство во Газа рано утринава предупреди дека електричните генератори во болниците ќе престанат да функционираат во наредните 48 часа поради недостиг на гориво.
„Имаме помалку од 48 часа пред сите електрични генератори во болниците да останат без гориво“, изјави портпаролот на Министерството, Ашраф Ал-Кудра, во кратка изјава на Телеграм.
Тој додаде дека механизмот што се следи за дозволување влез на хуманитарна помош во Газа е „бавен и не може да ја промени реалноста“ и нагласи дека „здравствениот систем ја достигна најлошата фаза во својата историја“.
Вчера Министерството соопшти дека 32 здравствени центри не работат поради бомбардирањата од израелските воени авиони и недостигот на гориво.
Се нагласува дека мора да им се даде приоритет на непосредните потреби на болниците во однос на дистрибуцијата на помошта, и се апелира до Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да се заложат повеќе да се дозволи влез на гориво и крвни единици за здравствениот сектор во Појасот Газа кој е под опсада.
Индонезиската болница во Газа беше затворена бидејќи работата на нејзините витални објекти беше прекината во текот на вчерашниот ден поради прекин на електричната енергија, според медицински извори.
Од видеата што кружат на интернет се гледа како медицинските тимови во болницата примаат пациенти што ги носи Брза помош користејќи батериски ламби.