Генералниот директор на Турската радио телевизија (ТРТ) Мехмет Захид Собачи го осуди нападот на Израел врз новинарската екипа на ТРТ Араби.
„Убиствениот Израел го нападна возилото на тимот на ТРТ Араби во бегалскиот камп Нусират. Нашиот фриленс снимател, Сами Шахада, го загуби стапалото во нападот. Тој е на операција. Нашиот дописник Сами Берхум е безбеден и здрав. Ја осудувам бруталноста на Израел, која нема никакво правно, морално или хуманитарно оправдување“, истакна Собачи.
Израел започна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 лица.
Во израелските напади врз Газа што започнаа оттогаш загинати се над 33.600 Палестинци.
Израел воведе и целосна блокада на приморската енклава, оставајќи го нејзиното население, особено жителите на северна Газа, на работ на глад.
Израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението во енклавата внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени, според податоците на Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.