Германија денеска ги отфрли напорите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ги притисне членките на НАТО да потрошат 5 отсто од бруто домашниот производ за одбрана.
„Она што го предлага Доналд Трамп е нереално. Нема да завршиме со 5 отсто“, изјави вицеканцеларот Роберт Хабек.
Хабек го повтори својот став за зголемување на трошоците за одбрана на 3,5% од бруто домашниот производ, велејќи: „3,5% е приближно она што моментално се дискутира во НАТО како среднорочна цел. Променетата безбедносна ситуација бара Европа да направи повеќе за сопствената безбедност, повтори Хабек“.
Сегашната цел на НАТО предвидува државите на Алијансата да инвестираат најмалку 2% од својот БДП во одбраната. Според најновите податоци на НАТО, германската влада пријавила трошоци за одбрана од околу 90,6 милијарди евра (93,3 милијарди долари) на Алијансата оваа година. Според проценките, тоа би можело да одговара на учество во БДП од околу 2,1%. Покрај САД, само четири од 32-те земји на НАТО најверојатно достигнале 3% во 2023 година.
Германија моментално ја исполнува целта на НАТО со специјалниот фонд од 100 милијарди евра (речиси 103 милијарди долари) за војската на земјата, кој се финансира преку долг. Парите од овој посебен фонд се очекува да бидат потрошени до крајот на 2027 година.