Цивилното население на Газа не смее да биде протерано, а Газа не смее да биде трајно окупирана или преместена, изјави шефицата на германската дипломатија / Photo: Reuters

Германија во средата категорично го отфрли планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја „преземе“ Газа и трајно да го премести палестинското население во други земји.

Министерката за надворешни работи Аналена Баербок во изјавата истакна дека решението за две држави останува единствениот пат напред, кој ќе обезбеди Палестинците и Израелците да живеат во мир, безбедност и достоинство.

„Јасно е дека Газа, како и Западниот Брег и Источен Ерусалим, им припаѓа на Палестинците. Тие ја формираат почетната точка за идната држава Палестина“, нагласи Баербок, предупредувајќи:

„Протерувањето на палестинското цивилно население од Газа не само што би било неприфатливо и спротивно на меѓународното право. Тоа би довело и до ново страдање и нова омраза“.

Баербок, исто така, нагласи дека Обединетите нации, Европската унија и Г7 постојано се спротивставуваат на израелските населби на палестинските територии преку нивните резолуции и одлуки.

„Цивилното население на Газа не смее да биде протерано, а Газа не смее да биде трајно окупирана или преместена. Не може да има решенија над главите на Палестинците“, изјави шефицата на германската дипломатија.

Нејзините изјави уследија по изјавата на Трамп дека „САД ќе го преземат Појасот Газа“ за време на заедничката прес-конференција во вторникот вечерта со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Трамп рече дека населението на Газа треба да се пресели во земји како Јордан и Египет, а САД ќе ја претворат земјата во „Ривиера на Блискиот Исток“.

Предлогот беше отфрлен ширум светот од претставници на ОН и голем број земји, вклучувајќи ги Кина, Туркије, Палестина, Саудиска Арабија, Шпанија и Франција.

TRT Balkan / агенции
Популарни