Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, ги пофали вчера дипломатските напори на Туркије за обновување на Договорот за црноморското жито, нарекувајќи ги важни, известува Анадолу.
„Факт е дека рускиот претседател Владимир Путин си игра со Договорот за жито. Значајни се напорите на Туркије да го врати Договорот на прав пат“, рече Баербок на конференцијата за новинари организирана со нејзината романска колешка Луминица Одобеску во Берлин.
Баербок истакна дека Русија ја влошува глобалната криза со глад и додаде:
„Русија ги насочува топовите на своите воени бродови на Црно Море кон бродовите за жито и ги бомбардира центрите за транспорт на жито.“
Вчера претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, престојуваше во рускиот приморски град Сочи, каде што се сретна со Путин.
Русија на 17 јули го суспендираше своето учество во Договорот, спроведен со посредство на Туркије и ОН, со кој се обнови транспортот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море, кој беше запрен по војната во Украина, која започна во февруари 2022 година.
Одобеску ги повтори изјавите на Баербок, осудувајќи ги руските напади врз украинската инфраструктура.
„Практично гледаме дека Русија продолжува со напади врз цивилната инфраструктура, не дозволувајќи ѝ на Украина да извезува жито“, истакна романската дипломатка.
Таа ги демантираше новинарските информации дека руски дронови паднале на романска територија во неделата вечер.
„Министерот за одбрана и сите надлежни институции ја следеа ситуацијата на теренот што ја предизвикаа нападите на руските дронови врз инфраструктурата на украинските пристаништа. Нападите на дроновите на Руската Федерација не претставуваат никаква директна воена закана кон нашата национална територија или територијалните води на Романија“, рече Одобеску.