Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денеска го повика Израел да се придржува до меѓународното право и да ги минимизира цивилните жртви во неговите воени операции против Хезболах во Либан.
Во изјава по нејзиното пристигнување во Бејрут, Баербок повтори дека Израел, кој започна тешки воздушни напади во Либан кон крајот на минатиот месец, има право на самоодбрана од ракетните напади на Хезболах, но подвлече дека одговорот треба да биде одмерен.
„Израел мора да ги спроведе своите операции во тесните граници на самоодбраната и меѓународното хуманитарно право, и да ги заштити животите на невините цивили. Сите страни во конфликтот исто така се обврзани да ги заштитат мировниците на ОН. Војниците на УНИФИЛ ја имаат нашата целосна поддршка. Тие се потребни за политичко решение на конфликтот. Секој намерен напад врз мировниците на ОН е кршење на меѓународното хуманитарно право“, рече таа.
Баербок, исто така, предупреди за влошувањето на хуманитарната ситуација во Либан и подвлече дека дестабилизацијата на земјата може да има далекусежни последици за целиот регион.
„Хуманитарната ситуација во Либан станува се поочајна секој ден. Стотици илјади луѓе бегаат со последните работи, децата се одвојуваат од родителите, болниците работат на работ на нивниот капацитет. Целосна дестабилизација на земјата би била фатална за религиозно најразличното општество од сите држави на Блискиот Исток, а исто така и за целиот регион “, рече министерката.
Баербок повика на посилни напори на западните партнери и регионалните актери за постигнување дипломатско решение за конфликтот меѓу Израел и Хезболах.
„Сега мораме да работиме со нашите партнери во САД, Европа и арапскиот свет за да најдеме одржливо дипломатско решение што ќе ги заштитува легитимните безбедносни интереси и на Израел и на Либан“, рече таа.
Баербок ја наведе резолуцијата 1701 на ОН како клучна за мирот и ја истакна важноста на либанските вооружени сили во процесот.