Германската екстремно десничарска Алтернатива за Германија (АфД) оствари огромен успех на регионалните избори во неделата и стана главна опозициска партија во сојузните покраини Хесен и Баварија.
Според прелиминарните официјални резултати, антиимигрантската АфД успеа да освои 18,4% од гласовите во централната покраина Хесен и стана втора најсилна партија во парламентот. Тоа е најдобриот резултат досега за екстремно десничарската партија од нејзиното основање во 2013 година.
Во југоисточната покраина Баварија, АфД го зголеми својот удел на гласови од 10,2 отсто на 14,6 отсто и се најде на третото место по владејачката Христијанско-социјална унија (37 отсто) и нејзиниот коалициски партнер Слободни гласачи (15,8 отсто).
Регионалните избори во недела беа нашироко гледани како барометар за мислењето на гласачите за либерално-левичарската коалициска влада на канцеларот Олаф Шолц.
Социјалдемократската партија (СПД) на Шолц го оствари својот најлош резултат досега во Баварија освојувајќи само 8,4 отсто од гласовите, а нејзиниот коалициски партнер Зелените собра 14,4 отсто од гласовите, што е намалување за повеќе од 3 процентни поени.
Нивниот помал коалициски партнер Слободните демократи (ФДП) е најголемиот губитник откако освои 3 отсто од гласовите и го пропушти прагот од 5 отсто потребен за влез во државниот парламент.
Изборите во Хесен
Во централната покраина Хесен, централно-десничарската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) беше прва со освоени 34,6 отсто од гласовите. Партијата, сепак, не освои доволно гласови за да владее сама.
Социјалдемократите освоија само 15,1% и тоа е нивниот најлош резултат во оваа држава од крајот на Втората светска војна.
Зелените, кои се залагаат за заштита на животната средина освоија 14,8 отсто, што е помалку од 19,8 отсто пред пет години.
Слободните демократи паднаа за 2,5 процентни поени и се само маргинално над прагот од 5 отсто за влез во државниот парламент.
Според анкетата на јавниот радиодифузен сервис АРД, миграциската криза беше меѓу клучните прашања што влијаеше на одлуката за гласање.
Околу 80 отсто од испитаниците изјавиле дека на Германија и треба нова политика за азил и бегалци за да се намали бројот на мигранти кои пристигнуваат во земјата.