Германската полиција утринава изврши рации низ целата земја, насочени кон мрежа која обезбедува поддршка на терористичката организација ДЕАШ, соопштија властите.
Најмалку седум осомничени се приведени во координирани рации низ земјата, се соопштува од Федералното обвинителство.
Осомничените се дел од меѓународна мрежа која ги поддржувала терористичките активности на организацијата ДЕАШ во Сирија со финансиски донации, соопшти Обвинителството.
„Со собирање донации и нивно проследување до ДЕАШ, тие одиграа централна улога во финансиската мрежа“, истакнаа обвинителите.
Во големите рации, околу 1.000 безбедносни службеници извршија претреси во куќи и канцеларии во неколку сојузни држави, вклучително и во Северна Рајна-Вестфалија, Рајна-Пфалц и Баден-Виртемберг, и запленија документи и електронски уреди.