Глобалниот пластичен отпад речиси ќе стане трикратно поголем до 2060 година, при што половина ќе заврши на депониите, а помалку од петтина ќе се рециклира. Ова е еден од заклучоците наведени во извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Се проценува дека глобалната потрошувачка на пластика ќе порасне од 460 милиони тони во 2019 година, на 1,23 милијарди тони до 2060 година. Како причина на тоа се наведува „недостаток на нови храбри политики“.
„Растот ќе биде најбрз во земјите во развој, во Африка и Азија, иако во 2060 година земјите членки на ОЕЦД и понатаму ќе произведуваат многу повеќе пластичен отпад по лице (238 килограми) годишно во просек, отколку земјите кои не се дел од организацијата (77 килограми)“, се наведува во извештајот.
Се очекува дека пластичниот отпад ќе се зголеми од 353 милиони тони во 2019 година, на 1.01 милијарда во 2060 година, се наведува во извештајот и се додава дека количината на пластиката во океаните, реките и езерата ќе биде поголема трикратно.
„Најголем дел од загадувањето доаѓа од макропластиката, но истекувањето на микропластиката од предметите како индустриски пластички пелети, текстил и гума исто така претставува сериозна загриженост“, стои во извештајот.
„На светот му е потребна многу постриктна и глобално покоординирана акција, ако сакаме да се намали загадувањето од пластика, како што предвидува Собранието на ОН за животна средина“, смета Матијас Корман, генералниот секретар на ОЕЦД.
Даноците на пластика, поттикнувања за повторна употреба и поправка на пластични предмети, подобрување на инфраструктурата за управување со отпад и зголемување на стапката на собирање отпад се меѓу некои од политиките кои се препорачуваат за намалување на влијанието на пластиката врз животната средина.
„Ако се спроведат, овие конкретни политики би можеле значително да се спречат, па дури и да се елиминира истекувањето на пластиката во околината“, додаде Корман.